1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Отворањето на БЕР: Хроника на едно потфрлање

Сабине Кинкарц
31 октомври 2020

Помеѓу идејата за голем аеродром во Берлин и започнувањето со работа лежат 30 години. Термините беа поместувани 6 пати, отворањето доцни 9 години. Проектот е еден од најголемите скандали во германската градежна историја.

https://p.dw.com/p/3kbM2
Deutschland Flughafen Berlin Brandenburg BER | Schriftzug
Фотографија: Markus Mainka/dpa/picture-alliance

Кој беше најголемиот пропуст? При изградбата на аеродромот Берлин-Бранденбург толку многу нешта тргнаа наопаку, што тешко е да се каже кој беше најголемиот пропуст. Пресекот на состојбата по откажаното отворање во јуни 2012. покажа 120 илјади недостатоци. Меѓу нив и поголеми, како нефункционален систем за заштита од пожар, илјадници автоматски врати без приклучок за струја и попуштени покриви на паркиралиштата. 170.000 километри кабел очигледно произволно и во забранети комбинации биле натискани во претесни спроводи.

За да го отстранат хаосот, на архитекти, инженери, техничари и градежници им беа потребни осум години. „Ако плетена блуза со првото копче тргнете да ја закопчувате погрешно, кога ќе стасате до последното мора прво сите да ги раскопчате за да можете да ја закопчате правилно од почеток”, рече во 2014-та Хартмут Медорн, во тоа време за краток период шеф на аеродромот. И тој брзо се откажа од работата.

Baustellenbesichtigung des Hauptstadtflughafens
Просторот за кабли под терминалот - претесно и хаотичноФотографија: Stefan Kruse/dpa/picture-alliance

Незамисливо скап и веќе сега премал

Севкупно шест пати се откажувани и поместувани термините за отворање на аеродромот. Градежните трошоци од првичните 2,5 милијарди пораснаа на повеќе од седум. За аеродром, кој во време на корона-пандемија нема да биде целосно искористен, а кој, како што веќе сега може да се предвиди, за времето потоа ќе биде премал.

Затоа до 2030-та е планирано доградување, за кое сега се предвидени 2,3 милијарди евра.

Како можеше големиот проект во технолошки високо развиената Германија толку да тргне наопаку?

Три парламентарни комисии „си ја чукаа главата” околу тоа прашање. „Чешлаа” безброј документи, сослушуваа стотици сведоци и, на крај, пишуваа извештаи од илјадници страници.

Резултатот е дека поради пропусти на сите нивоа се стигнало до пропаст. Но, најмногу - недостаток на познавања на материјата и префорсираност на политичкото водство.

Bauzaun vor dem Terminal des Flughafens Berlin Brandenburg Airport BER Willy Brandt in Schönefeld
Однадвор БЕР одамна изгледаше како да е готов: фотографија од 2012 годинаФотографија: picture-alliance/dpa

Работата со Олимпијадата

Идејата за централен европски аеродром во регионот Берлин-Бранденбург се роди непосредно по германското обединување. Пет години планирање, пет години изведба и готов аеродром до посакуваните Олимписки игри во 2000 година во Берлин - така барем звучеше равенката која тогаш ја поставија сојузната влада и Берлин и Бранденбург.

Од Олимпијадата не излезе ништо, а политиката до 1996 година се караше околу тоа дали воопшто треба да се гради. Но, тоа не беше пречка за аеродромските власти превентивно на неколку места во Бранденбург да купат градежно земјиште за 350 милиони евра, а на крајот, сепак, ниту едно не беше избрано за градбата.

Olympia Bewerbung 2000: Eberhard Diepgen und Lutz Grüttke
Во 1991 година се’ се чинеше можно: Тогашниот градоначалник на Берлин се викаше Еберхард Дипген (л.) и беше од ЦДУФотографија: Hammer/dpa/picture-alliance

Државен инвеститор против своја волја

Седум години изминаа со безуспешната потрага по приватни инвеститори кои требаше да го планираат, градат и работат аеродромот. Но, заради големиот финансиски ризик ниту еден претприемач не сакаше без државни гаранции да се впушти во таков договор. Во 2003. проектот практично беше пред откажување. Но, политичарите, а особено градоначалникот на Берлин во тоа време, Клаус Воверајт, не сакаа да го дозволат тоа по ниедна цена. Државата стана инвеститор.

Повеќе: „Вечно“ недовршениот аеродром - срамот на Берлин

„Ќе докажеме дека тројца јавни инвеститори можат да изведат таков проект”, беше големата најава на Воверајт на фрлањето на првата лопата во 2006. Аеродромот тогаш уште се викаше ББИ. Дури во 2009-та им падна в очи дека овој код Меѓународното здружение за воздухопловен транспорт веќе го има доделено на аеродромот во Бубанешвар во Индија. Маргинална забелешка која одговара на изјавата на еден од членовите на надзорниот одбор за магазинот „Шпигел“ во 2017 година: „Во ходниците на аеродромското здружение никогаш не стапнала компетентност.”

Hauptstadtflughafen BER
Првата лопата на 5 септември 2006 година (фото: берлински т градоначалник Воверајт (трет од лево), премиерот на Бранденбург, Плацек (трет од десно) и сојузниот министер за сообраќај Тифензе (втор од десно)Фотографија: Patrick Pleul/dpa/picture-alliance

Секогаш нешто ново

Кога започнаа градежните работи, плановите за аеродромот беа подготвени. Но, инвеститорите постојано имаа нови желби и идеи што архитектите и градежните инженери требаше да ги адаптираат и вградат во тековните градежни активности: во планот беа меѓукатови, мостови за влез на патници, продавници и дел за гастрономија. Бидејќи безбедносните регулативи на ЕУ се менуваа, трасите мораше да бидат целосно редизајнирани.

Тоа не е без последици. Од денешен аспект, изградбата на аеродромот уште во 2009. заостануваше зад планот. Во 2010., водечкото проектантско биро кое беше задолжено за техничкото проширување на зградата, банкротираше. Отворањето планирано за 2011. беше одложено за осум месеци.

Повеќе:Поголем, помодерен и побучен - Берлин го гради новиот аеродром

Водечкиот архитект Мајнхард фон Геркан подоцна во својата книга „Црната кутија БЕР“, обвинуваше дека датумите за отворањето биле усогласувани „според политичкиот календар“, „главно со скратени или прекратки рокови и покрај приговорите на градежниот менаџмент“.

Berlin | Untersuchungsausschuss zum neuen Hauptstadtflughafen - Meinhard von Gerkan
Водечкиот архитект Мајнхард фон Геркан во Берлин сведочеше пред Истражната комисија за БЕР (12.09.2014)Фотографија: aja Hitij/dpa/picture-alliance

Прикриј и забошоти

Осврнувајќи се наназад, Фон Геркан изнесе сериозни обвинувања. Аеродромското здружение постојано се обидуваше да ги прикрива потешкотиите пред Управиот одбор предводен од Воверајт. Помеѓу декември 2011. и март 2012. биле изманипулирани извештаите за градба. „Нашите предупредувачки црвени сигнали, кои посочуваа дека роковите не може да се исполнат се претворија во портокалово, што сигнализираше дека роковите се сепак достижни ако се вложи посебен дополнителен напор“, вели Фон Геркан во својата книга. Поличарите радо сакаа да веруваат во тоа. Во случај на инспекции на аеродромот, градежните работници претходно поставувале ѕидови од гипс плочи за да не се гледа каква е реалната состојба на аеродромот.

ПовеќеБерлин и во 2013-та без нов голем аеродром

Четири недели пред планираното отворање, БЕР веќе не можеше да се „разубави“. Поради тоа што противпожарната заштита и особено системот за прскање и одвод на чадот не функционираа, аеродромот во мај 2012. не доби дозвола за работа.

Tagesspiegel BER Flughafen Presseschau
Уште колку денови? Читателите на берлинскиот весник „Тагесшпигел“ броеја секојдневно Фотографија: Tagesspiegel

„Паѓаа глави“ и знаењето се трошеше залудно  

Политичарите на катастрофата реагираа со барање на виновниците и редица отпуштања. Екипата околу архитектот Фон Геркан мораше да си замине. Грешка, се вели подоцна, бидејќи тие што требаше да го довршат аеродромот, не само што честопати залудно бараа податоци за изградбата - во 2014 беа пронајдени купишта документи на берлинска депонија – туку не знаеја ниту што е дотогаш изградено.

Никогаш никој досега не бил повикан на одговорност за целото лудило. Одговорните политичари веќе подолго време не се на функција. Кога Клаус Воверајт се збогуваше во 2014-та, за БЕР рече: „Ова беше горчлив пораз и тоа останува до денес“.

Менаџерите исто така не беа гонети. Напротив. Еден од двајцата управители на аеродромот, кој беше разрешен во 2012 година, дури успеа да покрене тужба пред суд за загуба на заработка од 1,4 милиони евра.

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ