1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Баросо: Историски ден за Хрватска

10 јуни 2011

По шест години преговори, Европската комисија денеска даде зелено светло за членство на Хрватска во ЕУ во 2013 година. Со ова е завршена работата на Комисијата. На потег сега се земјите-членки на ЕУ.

https://p.dw.com/p/11YCu
Фотографија: DW Fotomontage

За две години Хрватска треба да стане 28. земја членка на Европската унија. „Денеска е историски ден за Хрватска и за Европската унија“, изјави претседателот на Комисијата на ЕУ Жозе Мануел Баросо. Тој нагласи дека се затворени и последни четири поглавја и им препорача на земјите членки на ЕУ да го направат последниот чекор за прием на земјата во Унијата.

Одлуката што денеска (10.06) ја донесе Комисијата на ЕУ, ја образложи и комесарот за проширување Штефан Филе пред новинарите во Брисел:

„Посебно сум среќен што можам да најавам дека Комисијата денеска ги заврши преговорите со Хрватска, а тоа значи кога станува збор за Комисијата, работата е завршена. Сега земјите членки треба да ја донесат конечната одлука и да решат дали преговорите може и службено да бидат затворени и да се потпише договорот за пристап. Уверени сме дека тоа ќе се случи, бидејќи преговорите ги водевме темелно“, изјави Филе и изрази надеж дека земјите членки ќе ја прифатат оценката на Комисијата на ЕУ дека Хрватска е подготвена за членство.

Жозе Мануел Баросо ја објави препораката
Жозе Мануел Баросо ја објави препоракатаФотографија: David Ertl

Последен камен на сопнување, пред затворањето на преговорите, беше правосудниот систем на Хрватска. Комесарката за правосудство и потпретседател на Комисијата на ЕУ, Вивијан Рединг, денеска меѓутоа нагласи дека се надминати последните пречки и дека пред само една година воопшто не верувала во сето ова што сега се случува околу Хрватска и завршувањето на преговорите. Рединг нагласи дека Хрватска ги одработи и исполни сите услови поради што, со мирно срце и чиста совест на земјата може да и се даде зелено светло и дека Хрватска е подготвена да стане членка на Европската унија.

Меѓутоа, не сите ја делат еуфоријата околу хрватскиот прием. Само до пред неколку дена постоеше спорот со Словенија. Посебно Франција, Велика Британија и Холандија долго време имаа забелешки. За да им се излезе во пресрет, ќе се воведе еден вид мониторинг систем, само до приемот на Хрватска во ЕУ и тоа во вид на извештаи за некои од поглавјата.

Автор: АТ/ Ален Леговиќ/ дпа

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска