1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Балканската рута“ останува затворена

Синиша Богданиќ
11 февруари 2017

Хрватска успешно ја штити надворешната граница на ЕУ, вели хрватскиот министер за внатрешни работи Влахо Орепиќ. Тој во интервју за Дојче веле ги отфрла тврдењата за малтретирање бегалци од страна на полицијата.

https://p.dw.com/p/2XLc0
Flüchtlinge Opatovac Kroatien Serbien
Фотографија: picture-alliance/PIXSELL

Дојче веле: Илјадници бегалци од Сирија, Авганистан и други кризни земји се заглавени во Србија, делумно во многу тешки услови. Тие се надеваат кога-тогаш да ги преминат хрватската или унгарската граница и да продолжат кон Австрија или Германија. Дали е оваа надеж реална?

Влахо Орепиќ: Балканската рута формално е затворена. Она што сега се случува на границите надвор од Шенгенскиот простор се илегални и криминални активности, шверц на луѓе. Тоа нема врска со бегалската проблематика. Во чести случаи, прашање е дали воопшто станува збор за баратели на азил. Кај нас стигнуваат луѓе кои веќе претходно биле во сигурни земји, но не сакаат никаде да се регистрираат додека не стигнат до одбраната земја. Значи, не станува збор за азиланти, туку повеќе за економски мигранти.

Хрватска досега тврдеше дека нема да подига ограда, иако соседите, како Словенија и Унгарија, на границите кон Хрватска поставија огради. Ќе останете ли на својот став?

Проблемите не се решаваат со огради. Што би направиле ако оградата не е доволна? Треба ли да градиме пак нови огради? Не, потребно е контролирање на границите и истовремено да им се помага на луѓето кои бараат заштита. Тоа мора да се врши врз основа на взаемен респект: тие треба да ги прифатат нашите правила и норми, а ние треба да имаме разбирање за нивните маки и потреби.

Во ЕУ беше договорена квота за распределба на пристигнатите бегалци. Се придржува ли Хрватска на договореното?

Хрватска ја поддржува заедничката европска безбедносна политика и ние тесно соработуваме со ЕУ-службите, на пример со Европската агенција за заштита на границите, Фронтекс. Ние бдееме над надворешната граница на ЕУ и тоа го правиме доста успешно. Истовремено, ги исполнуваме нашите обврски во поглед на прифаќањето бегалци. Треба да примиме 1563 бегалци. Меѓутоа, проблем е што тие луѓе воопшто не сакаат да останат во Хрватска. Врз основа на обврската, досега прифативме 19 лица, треба да дојдат уште 30 бегалци од Грција и 20 од Италија. Радо би ја исполниле целата квота, но не ни успева, тие сакаат да продолжат со патувањето и за нив Хрватска е само транзитна земја.

Vlaho Orepić
Влахо ОрепиќФотографија: B. Pintar/MUP RH

Постојат поплаки околу условите на сместување во централниот бегалски камп кај Загреб. Што би рекле Вие?

Тоа не е точно. Луѓето кои се сместени во бегалскиот дом Порин, имаат подобри услови отколку во 90 проценти од училиштата во Хрватска. Собите се подобро опремени отколку во најголем дел од студентските домови во земјата. И ние, исто како и ЕУ, се трудиме да го изедначиме стандардот со оној на луѓето во земјата. Многу граѓани на Хрватска живеат во полоши услови од мигрантите. Тврдењето е погрешно. 

Некои невладини организации зборуваат за делумно брутален однос кон бегалците на хрватско-српската граница. Тие се тепани, навредувани и ограбувани, а потоа без да бидат сослушани, се враќани во Србија. Што преземате против тоа?

Разговаравме со овие невладини организации и се трудиме да соработуваме со нив. Сите обвинувања ќе бидат проверени. Доколку констатираме дека некој ги пречекорил своите овластувања, ќе биде отпуштен. Такви луѓе не можат да бидат полицајци во Хрватска. Но, не верувам дека овие тврдења се точни. Многу успешно ја штитиме границата, што не им одговара на криумчарите на луѓе. Затоа се обидуваат, со помош на лажни изјави на сведоци, да ги манипулираат невладините организации, за да ја подбуцнуваат јавноста против полицијата и да можат да ги продолжат своите активности. Но, ние нема тоа да го дозволиме.

Влахо Орепиќ, член на партијата Мост, која е дел од хрватската влада, е министер за внатрешни работи од јануари 2016. година. Тој од почеток беше поборник на затворање на Балканската рута и се залага за стриктно депортирање на бегалците, кои нелегално стигнале во Хрватска, директно уште од самата граница.