1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

По трагите на бегалците

СН/ дв
28 јануари 2017

Што се случува со луѓето заглавени некаде долж Балканската рута?

https://p.dw.com/p/2WHK0
Syrien Flüchtlinge Frau mit Baby Symbolbild
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Murat

Стотици илјади бегалци во 2015. година преку Балканската рута си ја бараа среќата главно во средна Европа и во прв ред во Германија. Бегалските кампови и прифатилишта во Грција, Македонија и Србија беа преполни. Колони луѓе на патиштата и долж железничките пруги, илјадници полегнати во паркови, застанати во редици, дење и ноќе.

Бодликавите жици и огради потоа речиси го запреа мигрантскиот бран. Но што се случи и сѐ уште се случува со луѓето кои заглавија некаде долж Балканската рута?  Во моментов поларната зима на Балканот е како сол на раните на илјадници луѓе од Авганистан, Пакистан, Сирија... кои таму исчекуваат да им се отвори патот до посакуваната дестинација за подобар живот. За многу од нив ова исчекување трае со месеци, па и години, а неизвесноста, беспомошноста и страдањето се нивна судбина не само во зима туку и во лето, пролет, есен. За тоа сведочи и мултимедијалната документарна сторија  „Балкан: вратарот на Европа“

Од Винојуг до Хоргош, од Гевгелија до Суботица, новинари од седум јавни сервиси од Западниот Балкан и од Дојче Веле Академија ги документираа личните приказни на десетици „заглавени“ на Балканската рута, една година по големиот бегалски бран, но и нивните стравови, копнежи, желби и надежи. Надежи дека еден ден ќе имаат право на нормален живот некаде во западна Европа. Но дека тоа не мора да значи и убав крај на животното патешествие за некои од нив, сведочат и судбините на стотици бегалци од Балканските војни, кои и покрај децениите минати во „ветените“ земји, принудно се вратени назад во нивните татковини, каде сега навистина владее мир, кој меѓутоа не ги ублажува страдањата на „новиот почеток“ во родната земја. Репортерите влегоа и во домовите на бројни Роми на Косово, со долгогодишен мигрантски престој во Германија, Австрија, Белгија и во други земји од западна Европа, кои сега едвај врзуваат крај со крај во старо-новата татковина.  Повеќе за сето ова на следниов линк:  „Балкан: вратарот на Европа“

Репортажното патување беше спроведено под покровителство на германското Сојузно министерство за економска соработка и развој (BMZ)