1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балканската рута е фактички затворена

Кристоф Перенбом/афп/ЕМФ9 март 2016

Бегалската рута од Турција во насока на северозападна Европа е фактички затворена. Од ноќеска на полноќ Словенија веќе не прoпушта бегалци. Како реакција на тоа, исти постапки најавија и Хрватска, Македонија и Србија.

https://p.dw.com/p/1I9dD
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

Дали Балканската рута да биде прогласена за затворена? Околу ова прашање се дискутираше до пред само два дена, на самитот на ЕУ во Брисел. Балканските држави сега сами создаваат факти.

Словенија од ноќеска на полноќ почна со примена на нови правила. Влез е дозволен само на лица кои имаат важечка виза или оние кои директно бараат азил во Словенија. „Итно е неопходно повторно да се применуваат целосно правилата на Шенген“, изјави премиерот Миро Церар. „Исто толку е важно е и што донесовме заклучок дека Балканската рута за илегална миграција веќе ја нема.“

„Овој пат веќе не постои, овој пат ќе биде затворен“

Словенија е членка на Шенгенскиот простор и затоа мора да ја надгледува границата со Хрватска. Церар вели дека неговата земја се чувствува особено обврзана на тоа. Уште за време на самитот на ЕУ тој нагласи дека мора да запре транзитот преку Балканот - независно од спорот околу формулациите во завршниот документ од Брисел. „Се работеше само за изборот на зборови. Фактите беа наведени онакви какви што се, а истовремено им се испраќа и многу јасна порака на шверцерите и на сите илегални мигранти: овој пат веќе не постои, овој пат ќе биде затворен.“

Словенија со тоа предизвика реакција на сврзани садови. Хрватска, Србија и Македонија веднаш најавија дека на нивните граници ќе се постапува на ист начин. Секоја од земјите стравува дека ако тоа не го стори може да стане тампон зона за бегалците кои не можат да го продолжат својот пат.

Австрија го поздрави затворањето на Балканската рута

Австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц во изјава за ОРФ го поздрави де факто затворањето на Балканската рута. На тоа Австрија работеше со недели. „Тоа е само логично продолжение на она што е исправно, имено крај на политиката на проследување на бегалците.“ Таквата политика, според Курц, во последната година привлекувала сѐ повеќе бегалци, а „тоа беше погрешен концепт“.

Австрискиот министер предупреди дека Балканската рута не смее повторно да се отвора. Тоа, според него, би бил погрешен сигнал. „Луѓето не доаѓаат само за да бидат на безбедно во Грција, туку, како што гледаме на грчко-македонската граница, затоа што сакаат да продолжат за Германија и Австрија“, рече Курц, додавајќи: „Ако попуштиме, тогаш на пат ќе тргнуваат сѐ повеќе луѓе. Но, ако не попуштаме, приливот ќе биде сѐ помал, а тоа мора да биде нашата цел.“

Griechenland Mazedonien Flüchtlinge bei Idomeni
Фотографија: Getty Images/AFP/L. Gouliamaki

Бегалците кои се веќе на пат се заглавени

Во текот на последните месеци Балканската рута дневно ја минуваа во просек повеќе илјади бегалци. Од крајот на февруари тој број постепено се намалуваше. Тогаш погодените држави се договорија да го намалат бројот на бегалци на максимално 580 дневно. Потоа Македонија пропушташе само лица од Сирија и Ирачани и на крајот речиси сосема ја затвори границата. Новите правила за патување сега ќе ги погодат пред сѐ оние бегалци кои веќе се наоѓаат на Балканската рута. Тие би можеле да останат заглавени на наредната граница. Таков беше случајот со повеќе стотици Авганистанци, кои на пример веќе извесно време се во северниот дел на Грција, откако беа прогласени за економски мигранти.

Заклучокот на балканските држави се разбира има последици и за илјадниците бегалци кои чекаат во Идомени. Новата шанса за продлжување на патувањето сега е уште помала. Во Грција во меѓувреме се собрани 36.000 бегалци кои чекаат на зелено светло да продолжат кон север.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема