1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија ги трпи последиците од неединството во ЕУ

Катерина Блажевска8 март 2016

Ако наскоро не се усогласат заеднички мерки за справување со кризата, Македонија и земјите на балканската рута многу брзо ќе се соочат со уште поголеми ризици, предупредуваат домашни експерти.

https://p.dw.com/p/1I904
Фотографија: Reuters/M. Djurica

Уште еднаш се покажа дека неединството во ЕУ станува дел од проблемот, а Македонија е една од земјите кои најдиректно ги чувствува последиците од тоа и од бегалската криза. Ваква е генерално оценката на соговорниците на ДВ, откако самитот ЕУ-Турција во Брисел синоќа заврши без конкретен договор и само со најава дека „во наредните денови интензивно ќе се работи на разјаснување и усогласување на мерките“.

„Во ситуација кога мигрантскиот бран и натаму е побрз од очекуваното сеопфатно европско решение, неизвесноста станува извесна и вознемирувачка. Имено, ако во наредните денови не се усогласат заеднички мерки за справување со кризата, со доаѓањето на пролетта земјите на балканската рута многу брзо ќе се соочат со уште поголем бегалски бран, а со тоа и со нови хуманитарни и безбедносни ризици и предизвици“, вели македонски функционер упатен во европските предлози за решавање на мигрантската криза.

Додека лидерите на ЕУ синоќа зад затворени врати дебатираа за предложените мерки, бегалците под отворено небо пред портите на Македонија ги очекуваа решенијата од самитот. „Отворете ги границите“, порачаа десетина од нив седнати на пруга во близина на кампот Идомени кај грчко-македонската граница, додека силниот дожд полека ги бришеше нивните пораки напишани на чаршаф, со повик „Германија, Германија“ и „мајка Меркел“.

Вето од Орбан

Каде зaглавија преговорите? Претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц, изјави дека Турција барала дополнителни три милијарди евра од ЕУ за згрижување на мигрантите на своја територија и најави дека ЕП е подготвен да ја забрза процедурата за доделување на тие средства. Дека финансиите не се пречка за договарењето на мерките, потврди и агенцијата Ројтерс која имала увид во нацрт-договорот за кој синоќа се разговараше меѓу ЕУ и Турција. Според предлозите, Турција треба ефикасно да соработува со ЕУ и УНХЦР за да се обезбеди релокација на Сиријците во земји-членки на ЕУ, врз основа на формулата „за еден Сириец кој со реадмисија ќе биде вратен од грчките острви во Турција, еден Сириец ќе биде релоциран во земја на ЕУ“. Како што наведува Ројтерс, во нацрт-договорот било предвидено Брисел да понуди уште три милијарди евра до крајот на 2018 година за помош на Турција, да подготви отворање нови поглавја во преговорите за членство на Турција во ЕУ, да воведе визна либерализација за граѓаните на Турција до крајот на јуни, а ЕУ целосно да ги евакуира бегалците од грчките острви и да ги сноси трошоците за реадмисија.

Ungarn PK Orban zur Flüchtlingskrise
Виктор ОрбанФотографија: Reuters

Со ваквиот план не се согласила Унгарија. Портпаролот на унгарската влада Золтан Ковач, за Ројтерс изјави дека унгарскиот премиер Виктор Орбан го отфрлил планот на ЕУ за директно распоредување на бегалците од Турција во европските земји.

„Тој вложи вето на планот според кој мигрантите и барателите на азил директно би се преместувале од Турција во Европа“, соопшти Ковач.

Официјален извор од ЕУ за агенцијата потврдил дека на „некои земји им се допаѓаат предлозите, но не можат да го прифатат договорот истата вечер, поради краткото време за подготовка“, најавувајќи дека консултациите ќе продолжат во наредните денови.

НАТО во мисија

Додека консултациите траат, НАТО уште синоќа испрати бродови во територијалните води на Грција и Турција во рамките на борбата против криумчарење мигранти во Европа. Активностите ги најави генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг на прес-конференција во Брисел.

„НАТО ја проширува соработката со Фронтекс и го зголемува бројот на бродови“, рече Столтенберг, најавувајќи дека и Франција и Британија се согласиле да упатат бродови во Егејско море. НАТО-мисијата во која учествуват и бродови од Канада, Турција и Грција, ја предводи Германија. „Ќе се посветиме на контрола, собирање информации и нивно споделување со турската и грчката крајбрежна стража и со Фронтекс. Ќе им помагаме во пресекување на линиите за криумчарење мигранти“, изјави Столтенберг.

München Sicherheitskonferenz - Jens Stoltenberg
Јенс СтолтенбергФотографија: picture alliance/dpa/S. Hoppe

Ова засега е најконкретната мерка за суштинско справување со кризата, вели македонски безбедносен експерт.

„Грција не може сама да го контролира приливот на мигранти кои доаѓаат по морски пат и се истоваруваат на нејзино тло. Истите тие потоа доаѓаат на нашата граница, па Македонија е доведена во ситуација да ја презема улогата на 'прва европска граница' во филтрирањето на мигрантите. Не може најголемиот товар на овој европски проблем да се решава на македонската граница. Што ако во еден ден стигне бројка на мигранти која никој не ќе може да ја контролира? Тоа е голем безбедносен ризик. Дали тогаш 'првата граница' каскадно ќе се сели кон Србија, па кон Хрватска? Сметам дека предложените мерки на самитот во Брисел водат кон делумно решавање на проблемот и треба да бидат прифатени, бидејќи со нив во голема мера се намалува товарот на земјите од балканската рута“, вели соговорникот.

Западнобалканската рута лани беше влезна точка за 880.000 мигранти, а само во првите два месеца од годинава влегоа 128.000. Со доаѓањето на пролетта се очекува бројката драматично да се зголеми, но и ризиците од криумчарење мигранти. Индиции за такви подготовки веќе има во погранични места на балканската рута. Бугарски медиуми деновиве објавија дека лица целосно непознати за локалните жители почнале да купуваат стари куќи во погранично село во Ќустендилско, наводно заради почеток на земјоделски бизниси. Но, според одредени индиции, целта им била да создадат база од каде ќе ги „регулираат“ нелегалните преминувања преку границата, снабдувањето на бегалците со храна, телефони, облека, документи...

Ова се смета за еден од најголемите ризици во моментов, бидејќи расте нервозата во камповите, а голем дел од бегалците изјавуваат дека „по секоја цена се решени да заминат во ЕУ“.

Поради тешката ситуација во кампот Идомени, грчкиот заменик-министер за одбрана Димитрис Вицас, најави дека Грција неделава ќе обезбеди капацитети за сместување на дополнителни 16.000 бегалци и мигранти, а се планира отворање на уште еден бегалски центар во близина на границата меѓу Грција и Македонија.

Mazedonien baut an griechischer Grenze meterhohen Zaun
Фотографија: Getty Images/M. Bicanski

Сѐ повеќе ѕидови

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов, вчера во колумна објавена во британскиот весник „Телеграф“, потенцира дека Македонија е соочена со директен удар од мигрантската криза, која предизвикува низа безбедносни, социјални и општествени предизвици за целиот европски континент. „Во обединета Европа денес има повеќе ѕидови отколку што поделена Европа имаше за време на Студената војна. Додека Грција се соочува со опасност од хуманитарна криза, на границите на Балканот се распоредени армиите кои се во состојба на готовност. Секојдневно се соочуваме со обиди за нелегално влегување во Македонија, оштетување на државниот и приватен имот, употреба на фалсификувани пасоши и насилни акти против безбедносните сили на граничната линија од страна на мигрантите. Нивната намера е да се избегне процесот на регистрација и безбедносните проверки на лицата кои заслужуваат право на азил. Парадоксот е што сето тоа се случува од територија на држава која е дел од Шенген-зоната. Доведени сме во ситуација Македонија да ја брани Европа од Европската Унија“, порача Иванов во колумната.