Амазон го тужи Пентагон поради договорот со Мајкрософт
23 ноември 2019Портпарол на концернот синоќа потврди дека Амазон вложил тужба поради спорното доделување договор. Во тендерската постапка „постојат јасни недостатоци, грешки и непобитна пристрасност“, изјави портпаролот, дополнувајќи дека доделувањето договори од страна на државата мора да биде „ослободено од политички влијанија“.
Тоа е алузија за американскиот претседател Доналд Трамп, кој редовно остро го критикува шефот на Амазон, Џеф Безос. На Безос му припаѓа и весникот „Вашингтон пост“, познат по критичките извештаи за Трамп.
Пентагон на крајот на октомври соопшти дека договорот за далечинско складирање тајни податоци (Cloud-Computing) му е доделен на Мајкрософт. Договорот предвидува исплата на преку 10 милијарди долари во временски период од десет години, како што соопшти тогаш Пентагон, но цврсто договорени се почетно една милијарда долари во првите две години. На тендерот учествуваа и ИБМ и Oracle, компании кои отпаднаа во првичните фази.
Повеќе:
25 години Амазон : од онлајн книжарница до моќен концерн
Џеф Безос објави дека е уценуван
Амазон - највредна компанија во светот
Најголемата интернет платформа во светот, Амазон, долго важеше како фаворит за добивање на договорот и отворено го манифестираше изненадувањето од конечниот исход. Концернот укажа на фактот што неговите веб сервиси се водечки во далечинското складирање податоци. Пентагон пак тендерската постапка ја оцени како „фер“.