1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Активиран алармот за состојбата со медиумите

Sime Nedevski6 јули 2011

На затворањето весници, опасноста од згаснување и на телевизијата А1, како и отпуштањето новинари од „Утрински весник“ со изрази на солидарност реагира и Обединетиот германскиот синдикат надлежен за новинарите-Верди.

https://p.dw.com/p/11pRC
Весници во киоск во МакедонијаФотографија: AP

Кога ОБСЕ гледа дека има проблем во некоја земја членка со слободата на медиумите, Дуња Мијатовиќ го крева својот глас и покажува со прст каде е проблемот. Претставничката на ОБСЕ за слободата на медиумите деновиве го сврте прстот кон Македонија:

„Ја набљудувам ситуацијата во Македонија веќе извесно време. Исто така, испратив неколку интервенции претходно до Владата и она што го правам во моментот е всушност следење на се‘ што се случува и одлучив да го кренам гласот за прашања кои ги сметам за екстремно загрижувачки“, вели Мијатовиќ за Дојче веле.

Таа додава дека постои огромна загриженост и тоа не само во нејзината канцеларија. Алармот е вклучен откако престанаа да се печатат весниците „Време“, „Шпиц“ и „Коха е Ре“, телевизијата А1 се соочи со затворање, а петмина новинари од „Утрински весник“ добија отказ.

Наскоро посета на Скопје

Dunja Mijatovic OSCE
Дуња Мијатовиќ од ОБСЕФотографија: OSCE

Пред изборите Мијатовиќ, во име на ОБСЕ, испратила неколку реакции до Владата поради загрозување на медиумскиот плурализам, за потребата од независност и транспарентност на судските процеси, како и независност на регулаторните власти и јавниот радиодифузен сервис. Откако ќе се формира новата Влада, Мијатовиќ доаѓа по одговори во Скопје - дали ОБСЕ може да помогне да се промени ваквата состојба.

„Планирам да ја посетам земјата многу скоро за да имам разговори со властите, но и со невладините организации, за да видам како може мојата канцеларија да биде од помош во насока на запирање на оваа, не така розова ситуација, кога станува збор за македонските медиуми во моментов. Секако дека очекувам конкретни чекори пред да ја посетам Македонија, бидејќи ако Македонија сака да биде модерна и демократска земја, тогаш има ургентна потреба да се направат значајни чекори за промоција на медиумската слобода и јасно и гласно да се каже дека Владата, како демократски избрана Влада, ќе ја штити медиумската слобода и критичките гласови, бидејќи тоа е суштинска вредност на демократијата“, изјави претставничката на ОБСЕ околу слобода во медиумите.

Германскиот синдикат солидарен со македонските новинари

И германскиот синдикат на новинари е изненаден од случувањата во Македонија. Виктор Кала од Обединетиот германскиот синдикат на услужни дејности, надлежен и за новинарите, Верди, коментирајќи ги случувањата во „Утрински весник“, вели дека е несоцијално да се отпуштаат работници, затоа побарале исполнување на своите права на работното место.

„Мислам дека прво мора да се признае дека синдикатите имаат право да штрајкуваат. Мора да се признае дека синдикатите се легитимни претставници на синдикалците. И трето, кога има проблеми во весникот и кога ќе се преземат мерки од страна на претпријатието, тогаш мора пред да се преземат тие мерки, да се разговара и преговара со надлежни претставници на синдикатот. Ова што се случи го сметам за недемократско. Дотолку полошо што во сето тоа е вмешан германски новински концерн“, изјави Виктор Кала од синдикатот на германски новинари.

Warnstreiks im öffentlichen Dienst stehen bevor
Логото на синдикатот ВердиФотографија: picture alliance / dpa

Двоен морал

Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници во Македонија е вџашен од решението на Медиа Принт Македонија за новите отпуштања во „Утрински весник“, кои стасале додека се изразувал протестот за минатонеделните откази. „Не ни‘ останува ништо друго освен да констатираме двоен морал на компанијата, која прва го започна дијалогот со Синдикатот, за сега да го напушти и да ги уништи релациите на коректност. Отказите за нашите колеги нема да не‘ деморализираат и нема да дозволиме да се уништи синдикалниот активизам уште на самиот негов почеток“, стои во писмената реакција на Синдикатот на новинарите.

Поддршка за водење на битката со демократски и правни средства македонските синдикалци и новинари, како што велат самите, добиваат од нивните колеги од Германија.

Автор: Александар Методијев

Редактор: Горан Чутаноски

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема