Австрија бара подготвеност за затворање на границата
12 февруари 2016Македонија мора целосно да биде подготвена да го стопира влезот на мигранти на нејзините граници, со оглед на тоа што по Грција, таа е прва држава која се соочува со мигрантите, порача денеска од Скопје шефот на австриската дипломатија Себастијан Курц.
За таа цел, Австрија ветува поддршка во персонал и опрема.
„Се договоривме дека Австрија ќе даде поддршка и тоа не само персонал од редовите на австриската полиција и војска, туку истовремено и опрема, за да и се овозможи на Македонија на најдобар можен начин да се справи со предизвикот“, рече Курц.
Одлуката за затворање на македонската граница кон Грција би зависела од постигнувањето на горната граница за прием на мигранти и бегалци која австриската влада ја постави на крајот на минатата година.
„Веројатно за некој месец нашата максимална бројка веќе ќе биде постигната, така што Австрија ќе мора да ги стопира мигрантите на својата граница. Од овие наши одлуки ќе има секако последици долж рутата која е засегната, а тоа се Србија, Словенија, Хрватска и Македонија“, изјави Курц.
Неговиот домаќин, македонскиот министер Никола Попоски рече дека одлуките кои ќе носи неговата земја во однос на границата ќе бидат во координација со земјите од регионот и од ЕУ.
„Мерките кои ќе ги преземаме ќе бидат одраз на одлуките кои ќе се носат во Германија, Австрија и другите земјите-членки на ЕУ кои се крајна дестинација на мигрантите“, рече Попоски.
Македонија, според Попоски, не го ограничува влезот на мигранти и бегалци самостојно, туку тоа го прави во зависност од одлуките кои се носат во одредени земји од ЕУ.
„Колку мигранти ќе влезат во Македонија, зависи од тоа колку мигранти ќе бидат примени во земјите-членки на ЕУ. Колку што ќе биде тој број, точно толку ќе пуштиме да транзитираат низ Република Македонија. Австрија може да прими 37.500, таа иста бројка треба да се стави за капацитет за апсорбција во Германија, во Шведска и во сите други земји и на тој начин ќе се добие тоталниот број кој ќе определи колку луѓе ќе можат да поминат низ македонска територија“, рече Попоски.
И Курц и Попоски ја отворија можноста за скоро испраќање на австриски војници на македонско-грчката граница. „Она што ни е потребно се луѓе во униформа кои знаат да обавуваат задачи за контрола на границата и опрема која оди со нив“, вели Попоски.
Во однос на внатрешнополитичката ситуација во Македонија, шефот на австриската дипломатија Курц ги повика Владата и опозицијата да ги почитуваат сите склучени политички договори за да може да се обезбедат слободни и фер избори. Австрија е подготвена да испрати и набљудувачи за следење на изборниот процес.