1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција очекува Македонија да ја затвори границата

БГ/дпа11 февруари 2016

Грција се подготвува за можноста земјите од балканската рута да ги затворат вратите за бегалците. Атина очекува „унилатерални“ чекори од Македонија.

https://p.dw.com/p/1Htnf
Фотографија: DW/P. Zafiropoulos

Грција веќе размислува како ќе смести рекорден број мигранти кои ќе останат во земјата доколку земјите од балканската рута го блокираат преминот на бегалците, јавува германската новинска агенција ДПА.

Грција очекува „унилатерални чекори“ од Македонија, изјави грчкиот министер за мигранти Јоанис Музалас за грчката телевизија Мега. Ден претходно, тој рече дека затворањето на балканските граници ќе заглави десетици илјади мигранти во неговата земја.

Минатиот месец Австрија предизвика серија реакции од земјите на балканската рута откако најави дека ќе го ограничи приливот на бегалци на 37.500 годишно. Словенија, Хрватска, Србија и Македонија- кои се наоѓаат меѓу Австрија и Грција на рутата- експресно реагираа со одлука да ги филтрираат мигрантите и да пропуштаат само Сиријци, Авганистанци и Ирачани.

Најголемиот дел од земјите на балканската рута се екипирани само за краткорочен престој на мигранти, со што се ограничува нивната способност да прифаќаат бегалци доколку патот биде затворен.

Македонија од вторникот ја засилува и проширува оградата на јужната граница. Во средата, македонските власти започнаа со поставување камп за мигранти кои ќе бидат вратени од рутата од другите земји.

Доколку другите земји на рутата ги затворат портите, Србија веднаш ќе го стори истото, изјави српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ по средбата со австрискиот колега Себастијан Курц.

Европската Унија ги предупреди земјите на балканската рута да не преземаат унилатерални акции. Европската комисија во средата соопшти дека затегнувањето на граничните контроли ќе ги поткопа преземените мерки за намалување на притисокот од мигрантите.