1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Џудишл воч тужи, Стејт Департментот се заканува

20 април 2017

Американскиот Стејт Департмент вчера за првпат отворено се закани со мерки против оние кои ги блокираат демократските процеси во Македонија. Во исто време, доби и тужба од невладината организација Џудишл воч.

https://p.dw.com/p/2bZlW
US-Außenministerium
Фотографија: AFP/Getty Images/J. Richards

Македонски политичари се соочуваат со мерки и санкции од САД и ЕУ, доколку продолжат да ги блокираат демократските процеси во земјата. Оваа најава, која долго кружи како гласина од повеќе анонимни извори во Брисел и Вашингтон, за првпат официјално беше потврдена од Стејт Департментот во вчерашната изјава за програмата на „Гласот на Америка“.

„Политичарите кои се обидуваат да го блокираат формирањето на Владата, ги обезвреднуваат владеењето на правото, демократските процеси и стабилноста на Македонија и регионот пошироко“, гласи ставот на американското министерство за надворешни работи. Дополнително, во изјавата се најавуваат и мерки против тие политичари, доколку праксата на блокади продолжи.

„Ние ќе работиме со нашите европски партнери на охрабрување на овие политичари, да престанат со нивните опструкции, вклучувајќи и земање на одговорност за нивните постапки“, порача Вашингтон.

Засега нема детали, ниту информации што би предвидувала заканата со „земање на одговорност“ на политичарите во Македонија. САД имаат на располагање повеќе мерки.

Искуството на Додик

На почетокот на годинава Вашингтон го стави под санкции лидерот на српскиот ентитет во БиХ, Милорад Додик поради опструкции на Дејтонскиот договор.
„Санкциите се резултат на повиците на Додик на сецесија, непочитување на Уставниот суд и заканите дека ќе ги повлече босанските Срби од заедничката армија“, изјави претставник на САД. Мерките кон Додик опфаќаат замрзнување на имотот во САД и забрана за трансакции со државјани на САД.
Слично како и во изјавата од Стејт Департментот за Македонија, тогаш американските власти изразија очекување дека кон санкциите ќе се приклучи и ЕУ. Но, досега таква одлука нема, делумно и поради тоа што  одлуките се донесуваат со консензус. 

Bosnien und Herzegowina Banjaluka - Milorad Dodik Präsident der Republik Srpska
Милорад Додик годинава беше санкциониран од Вашингтон поради уривање на Дејтонскиот договор во БиХФотографија: Klix.ba

Додик ги отфрли санкциите како „одмазда на поразените на изборите во САД“. Во сличен тон, и во Македонија, заканите од САД веќе извесно време се толкуваат како пораки на „одметната“ администрација, кои, наводно, не се во согласност со политиката на претседателот Доналд Трамп. Ветер в грб на ваквите тези вчера им даде и најавата на невладината организација „Џудишл Воч“ дека ќе го тужи Стејт Департментот поради тоа што не ѝ дал пристап до информации од јавен карактер согласно тамошниот закон. Оваа организација, која важи за блиска до конзервативните кругови во САД, веќе неколку месеци води истрага и бара одговори од американската амбасада во Скопје и од Стејт Департментот за тоа како се трошеле парите на американските даночни обврзници преку програмата на УСАИД. „Џудишл воч“ тврди дека во периодот од 2012 до 2016 година, фондацијата на Џорџ Сорос во Македонија добила околу 5 милиони долари за проекти од УСАИД.

Конзервативна агенда

Главниот „грев“ на американската амбасада во Скопје, според оваа НВО, е што финансирала „десетици левичарски, невладини организации“ кои имале за цел да ја урнат конзервативната влада во Скопје. Во својот извештај од февруари, повикувајќи се на „високи извори во владата“, Џудишл Воч ги нарекува овие организации „пешадијата на Сорос“. Иако изворите остануваат анонимни, магазинот „Политико“ на крајот на март годинава точно ги лоцираше функционерите на ВМРО-ДПМНЕ кои се чести гости во Вашингтон и се обидуваат преку лобирање кај републиканците и десничарите да влијаат врз политиката на САД во земјата. Од нив потекнува и кампањата против невладините организации на Сорос која во Конгресот и Сенатот ја туркаат неколку републиканци.

George Soros Stiftung
Невладините на Сорос се главна цел на Џудишл вочФотографија: picture-alliance/dpa/M. Balce Ceneta

„Џудишл воч“ е формирана во 1994 година од богати конзервативци и десничари со цел уривање на власта на тогашниот претседател од редот на демократите, Бил Клинтон. Тужбите против државни институции се редовна пракса на организацијата, но „специјалност“ ѝ се тужбите против семејството Клинтон. До крајот на 2016 година активни беа 20 тужби на организацијата против Хилари Клинтон. Најголемиот дел од тужбите на „Џудишл воч“ пред сојузните американските судови се однесува на повреда на „Законот за пристап до информации“, и речиси сите досега се одбиени. Најголемиот успех организацијата го постигна со судската одлука да се отворат за јавност електронските пораки на Хилари Клинтон кои како државен секретар ги чувала на својот приватен сервер. Нивното отворање имаше големо влијание и во кампањата на претседателските избори во САД.