1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

„Џганот во Хонгконг“- кинески поглед на демонстрациите

Арнд Рикман | Рахел Клајн
20 август 2019

Со недели стотици илјади луѓе во Хонгконг протестираат против растечкото влијание на кинеското државно раководство. Во остатокот од Кина протестите не наидуваат на големо разбирање.

https://p.dw.com/p/3OCpq
Hongkong Anti-Regierungsproteste
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/V. Thian

Исто како Хонгконг во јужниот дел, и Шангај, на источниот брег на Кина, е голема економска метропола, се смета дури и за најважна. Во Шангај живеат преку 23 милиони луѓе, а многумина од нив немаат многу разбирање за протестите во 1200 километри оддалечениот Хонгконг.

„Што сакаат тие? Зошто толку се возбудуваат?“, прашува на пример еден 30-годишен службеник. Граѓаните на Хонгконг треба „едноставно да работат и мирно да живеат“, вели тој во разговор со новинар од студиото во Шангај на германското радио АРД. Тој е убеден – протестот не носи ништо. Слично мислење веројатно имаат најголем дел од жителите на копнениот дел од Кина.

Страв од насилство

Ваков впечаток дели и Жозе Квиан, овој новинар проценува дека 90 проценти од Кинезите во копнениот дел имаат критички став кон протестите во Хонгконг. Квиан живее во Шангај, работи за различни меѓународни медиуми и добро го познава пулсот на градот. На Шангајците им е јасно дека нешто се случува во Хонгконг, вели тој:

„Но, тие веројатно не ја знаат точната причина за случувањата, зошто дојде дотаму и какви фази поминаа. Веројатно не ги знаат точно ни барањата на демонстрантите во Хонгконг“, вели Квиан за Дојче веле. 

Затоа, сликата на јавното мислење во Шангај е под притисок на стравот од можно насилство во специјалната кинеска зона: „Ја поддржувам полицијата во Хонгконг“, вели една жена, која и самата порано четири години работела таму во финансиската бранша. Откако Хонгконг ѝ припаѓа на Кина, во градот многу работи се подобрени, благодарение и на поддршката од конпена Кина, тврди жената, таа самата тоа го доживеала: „Затоа, иако не сум таму, велам: радикалните акции се погрешни“.

Новинарот Квиан во ваквите реакции гледа првенствено една  причина: извештаите на државните кинески медиуми. Во меѓувреме тие известуваат за настаните во специјалната управна зона Хонгконг, но секогаш запазувајќи го интересот на владата во Пекинг.

Државните медиуми како извори на информации

„Може да се нарече пропаганда, може да се нарече официјална медиумска кампања, но постои само една верзија на настаните," потврдува Квиан. Државните медиуми не известуваат за заднината на протестите и за нивните почетоци, туку фокусот го ставаат врз ескалацијата во Хонгконг. Во центарот на извештаите е избликот на насилство, често се прикажуваат само малубројни фотографии од на насилство подготвени демонстранти.

Повеќе на темата:

Немири во Хонгконг - Запад воздржан

Кина ги влече конците во Хонгконг

30 години по Тјенанмен: Демократијата во егзил

Мнозинството од Кинезите од копнениот дел нема друг извор на информации освен државните медиуми. Затоа, логично е што многумина ја следат официјалната линија на владата во Пекинг, според која „демонстрантите во Хонгконг се претежно насилни, некои се и екстремно радикални, други ја оштетуваат јавната сопственост.“ Дури на демонстрантите им се имплицира тероризам. „Граѓаните на ваков начин се чувствуваат единствени со владата, како онаа во Хонгконг, така и онаа во Пекинг“, истакнува Жозе Кваин.

Hong Kong, Proteste
За кинеското државно раководство, протестите во Хонгконг се тероризамФотографија: Reuters/E. Su

Соодветни на тоа се и реакциите на улиците на Шангај: јасно како ден е дека она што го прават демонстрантите во Хонгконг е погрешно, вели еден пензионер, кој воглавно се информира преку вестите на кинеската државна телевизија „ККТВ“, а ги слуша и емисиите на Кинеското национално радио, исто така државно. Хонгконг отсекогаш бил прекрасен град и важен финансиски центар, вели 70-годишникот. Неговиот суд за демонстрантите е дотолку понегативен: „Овој џган досега предизвика само зло, ништо добро!“

Непрекинат отпор

Во самиот Хонгконг, демонстрантите не дозволуваат да бидат заплашени од ваквите изјави и од реалната опасност од кинеска интервенција. Тие сакаат и натаму да протестираат, иако е неизвесно дали автономниот стаус на Хонгконг ќе остане и по 28 години.

„Сите ние овде знаеме дека постои временски ограничен рок на нашиот автономен статус“, вели една демонстрантка за АРД. „Но, барем дотогаш треба да се залагаме за нашите основни права и на светот да му покажеме: имаме слобода на мислење, слобода на протестирање и добро е што е така.“ Барем до средината на 2047 година. Дотогаш, според договорот, во поранешната британска колонија останува на сила капиталистичкиот поредок. Каква ќе биде пак натамошната иднина на Хонгконг, останува отворено прашање.