1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе му ја скинеме ли главата на петелот?

3 март 2020

Што мислите дали граѓаните на Северна Македонија ќе му ја „скинат главата“ на Зоран Заев оти прв почна да кукурика многу силно уште пред мугри не оставајќи не да спиеме на раат? Колумна на Ерол Ризаов

https://p.dw.com/p/3YnEX
Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

Има петли кои мислат дека сонцето изгрева поради нивното „пеење“и нивните шарени  пердуви. Но, има и луѓе кои им ги кинат главите на петлите кои први кукурикаат и ги будат од спиење рано пред зори. Што мислите дали граѓаните на Македонија ќе му ја „скинат главата“ на Зоран Заев оти прв почна да кукурика многу силно уште пред мугри не оставајќи не да спиеме на раат. Едно време имаше една народна поговорка „кој рано рани две среќи граби". Сега како и сѐ друго и тоа не важи, па ја фалсификуваме и лажеме како ни годи: кој рано рани останува ненаспан. С. Македонија по 30 години длабок сон почнува да се буди мамурна, тешко, многу тешко се расонува. Тоа е така низ целата ни славна историја.

Најновото рано кукурикање кое предизвикува тревога е објавата за првата предизборна македонско- албанска коалиција. СДСМ и БЕСА одат заедно на парламентарни избори. Во Македонија, па макар и северна, ваков историски чин предизвикува шок и неверица,  се уште нерасонети тоа е дочекано како ново предавство не само на македонските, туку и на албанските национални интереси бидејќи ранобудниот петел направи неподнослива ѓурултија од која веќе не може око да се затвори. Убаво си беше победник со победник да си прават пазарлак за поделба на пленот по одмерување на силите меѓу нашите и вашите, меѓу тие и ние. Ова вака не се знае кои се ваши,  а кои се наши. Сите стануваат наши што е многу опасна работа. 

Wahl Koalition in Nord Mazedonien | Zoran Zaev und Bilal Kasami
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Предизборна коалиција која предизвика паника

Нормално засегнатите ДУИ и ВМРО ДПМНЕ први ја открија големата завера против националните интереси и на Албанците интегративци  и на Македонците вмровци. Другите што не се во ДУИ и во ВМРО ДПМНЕ не треба ни да се есапат. Тие се предавници, изроди и непријатели кои ги распродаваат националните и државни интереси.

Други колумни од авторот:

-Џуџето од Кичево стана џинот на ВМРО ДПМНЕ

-Феноменот Заев

-Кој ќе биде последната жртва на груевизмот


Прв се огласи гласноговорникот на ДУИ Бујар Османи, заменик премиер задолжен за евроинтеграции. Кога се во прашање битките за власт  вртоглаво растат националните интереси, а паѓаат европските стандарди и вредности. Па така од голем поборник за припадност на европското семејство  и за членство во ЕУ и во НАТО, Османи  се обидува со немушт јазик да им објаснува на граѓаните колку е опасна оваа работа со предизборна коалција меѓу СДСМ и БЕСА. Па вели дека таа непринципелна коалиција  го дерогира Охридскиот Договор, го дерогира одлучувањето по Бадентер во Парламентот и  го нарушува принципот на коалиција победник со победник. Употребата на неразбирливиот збор за поширката јавност „дерогира“  е всушност обид да се затскрие заканата за дестабилизација на земјата со предизвикување на  меѓуетнички тензии пред изборите за мобилизација на Албанците да се спасува ДУИ од тежок пораз. Терминот „дерогација“ и „дерогирање“ означува законски пропис да се стави вон сила, исто така, значи ограничување, или поништување на закон.

Nord-Mazedonien, Skopje: Zoran Zaev
Фотографија: picture-alliance/AP/B. Grdanoski


Доведувањето  во прашање на Охридскиот договор и на Бадентеровиот принцип  на одлучување од страна на албанската партија која се смета за најзаслужна за овие големи придобивки на Албанците во  Македонија  и која на основа на тој капитал не се симнува од власта безмалку 20 години, кажува дека во ДУИ владее шок и паника која предизвикува вакви тешки лупинзи. Не може поинаку да се протолкува стравот од коалицијата на СДСМ со една мала албанска партија доколку во ДУИ не се свесни дека одамна го потрошиле политичкиот капитал. Ако не е така нека предложат предизборна коалиција со стариот добар партнер  ВМРО ДПМНЕ  и ќе видат колкава е навистина нивната сила кај гласачкото тело. Предизборна коалиција на ДУИ и ВМРО ДПМНЕ, наспроти СДСМ со БЕСА и останатите албански партии спротиставени на ДУИ ќе покаже кој навистина ја има довербата да ја води Северна Македонија кон европските вредности и членството во ЕУ и во НАТО.

Датум за преговори со ЕУ на 24 март? 

Речиси истовремено  со Бујар Османи реагираше и Христијан Мицкоски  кој во дуелот со Зоран Заев побрза да соопшти дека ВМРО ДПМНЕ останува саде македонска политичка партија, национално и верски чиста. По изборите можни се коалиции со албански и други партии врз основа на програмските определби , но откако ќе извојува голема победа по која  може да поставува  услови за партнерство. И  толку, тука  Мицкоски застана да не ја помине границата која ќе ги затвори вратите на коалиции со албанските политички партии. Другиот дел од работата барем во овие први денови по објавата за албанско- македонската коалација на две партии ја препушти на медиумите блиски до  ВМРО ДПМНЕ да го креваат патриотизмот со јазик на омраза кон другите. Прашање е на часот која форма ќе ја изберат Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ за кревање на меѓуетничките тензии поради потегот на СДСМ и БЕСА. Дали тоа ќе биде истата доктрина на ДУИ за мобилизација на гласачите за спасување на Македонија, или некоја старо нова комбинација ред национализам, ред патриотизам, ќе се знае многу бргу.

Во меѓувреме од Брисел стаса веста дека на 24 март многу е изгледно Македонија и Албанија да добијат датуми за почнување на преговорите со ЕУ. Навистина ова не e првпат Европската комисија да донесе ваква одлука, но таа подоцна да биде отфрлена од Европскиот совет.

Повеќе:

-По извештајот на ЕК: Берлин бара брз почеток на пристапните преговори на ЕУ со Скопје

-ЕК: Условите исполнети- преговорите можат да започнат

-Вархеји: Неколку недели ги делат Скопје и Тирана од преговорите

Belgien Die mazedonische Fahne am EU-Parlament
Фотографија: DW/M. Maksimovic

Се случи повеќе пати Европа да не си стои на зборот, меѓутоа сега со голема сигурност може да се каже дека одлуката ќе биде донесена во првите денови на пролетта бидејќи француското вето е надминато со изјавите на претседателот Емануел Макрон неодамна во Минхен дека Париз ќе ја земе предвид одлуката на Европската комисија и на одлуката на сите членки. Веќе е на повидок дека и предлогот на Франција за новата методологија за проширување на ЕУ ќе биде прифатена што ги отстранува сите пречки за одредување на датумот за отпочнување на преговорите. Тоа го потврди и министерката за европски прашања на Франција Амели де Моншалан.

Балканска сензација и „луда“ храброст

Но, она што е многу поважно, а се однесува и на политичката сцена во Македонија е веќе најавената концизност на најновиот Извештај на Европската комисија во делот на  оценките за клучните прашања за кои во Македонија  се водат жестоки полемики и се предмет на манипулации и политички предизборни пресметки. Европската комисија позитивно ги оценува реформите во правосудството и како добра пракса разрешувањето на шест судии и поранешен претседател на Врховниот суд во Скопје , како и отстранувањето на недостатоци при распоредувањето на судски предмети. Позитивна е оценката за донесувањето на Законот за јавно обвинителство и за симнување на блокадата за завршување на предметите на СЈО. Добра пракса стои во оценката за гонење и отварање на нови обвиненија за организиран криминал на поранешни и актуелни високи политички функционери. Се нагласува добрата работа на Антикорупциската комисија. Со тоа Извештајот на Европската комисија јасно го одбележува напредокот на Македонија токму во деловите кај што имаше забелешки.

Да се направат договорите со Грција и со Бугарија, прв да се гази тој непроодлив пат кај што човечка нога не стапнала со децении  и притоа тие договори со болни компромиси да бидат одржливи е повеќе од балканска сензација и „луда“ храброст без оглед на силната поддршка на Америка и на ЕУ.  На основа на тоа се обезбеди членство во НАТО и отстранување на опасноста од надворешна дестабилизација што  е историски успех рамен на прогласување на независноста на Македонија.
Првиот договор за предизборна коалиција меѓу македонска и албанска политичка партија  како што направија СДСМ и БЕСА без оглед на големите идеолошки разлики го покажува патот како да се обезбеди отстранување на домашната опасност од дестабилизација и делби на Македонија. Прифаќање на ваков предизвик и ризик во една земја на Западен Балкан  е за симнување капа дури и како неуспешен обид, бидејќи тоа е иднината кога ќе исчезнат строго националните партии. Тоа е најсилната гаранција за внатрешната  стабилност на Македонија и добри меѓуетнички односи. Почнувањето пак  на преговорите со ЕУ и спроведувањето  на реформите во наредните години  кои ќе означат редовно членство во европското семејство ќе биде најголемото достигнување  за создавање на просперитетна европска и демократска држава, сон на сите генерации граѓани на Македонија.
Тоа треба да бидат мотивите дали треба да му ја скинеме главата на петелот што рано кукурика и не нѐ остава да спиеме.