Состанокот во Лондон, бегалската „магла“ во Македонија
4 февруари 2016Македонија нема никакви најави и информации дали решенијата кои ќе се носат на денешната конференција во Лондон, ќе создадат драматично поголеми обврски за земјата во однос на бегалците, вклучувајќи и изградба на кампови за нивен престој. Додека во земјите од регионот речиси владее паника по ова прашање, од македонското МВР велат дека немаат никакви назнаки за таков можен развој.
„Она што може да се каже е дека низ Македонија дневно транзитираат околу 2.000 бегалци. Се спроведуваат сите процедури за нивна регистрација и неопходните безбедносни мерки, по што тие го продолжуваат транзитот. За кампови или други варијанти за престој на бегалците, досега не е разговарано. Но, ако почнат да ги враќаат бегалците од север, и ние ќе мора да ги враќаме во земјите од каде што влегле во Македонија“, велат од МВР.
Србија загрижена
Конференцијата „Поддршка за Сирија и за регионот - 2016“ е заеднички организирана од Велика Британија, Германија, Кувајт, Норвешка и ОН, со цел да се соберат повеќе финансиски средства за милиони луѓе чии животи се загрозени од војна. На конференцијата се очекува да присуствуваат и германската канцеларка Ангела Меркел, американскиот претседател Барак Обама, рускиот претседател Владимир Путин и други. На самитот учествува и македонскиот претседател Ѓорге Иванов. И додека во Македонија не се зборува за очекувањата од лондонската конференција, во нејзиното соседство максимално е вклучен алармот.
Медиумите во Србија се осврнуваат на загриженоста на српскиот премиер Александар Вучиќ, кој пред три дена изјавил дека „по првпат е загрижен за безбедносната ситуација што на пролет може да настане во регионот“. Неговата изјава медиумите ја доведуваат во корелација со најавите дека голем дел од мигрантите кои пристигнуваат од Блискиот Исток, може да бидат задржани на неодредено време во Србија и Македонија. Се повикуваат на пишувањето на Еурактив, дека токму тоа ќе биде тема на денешната конференција во Лондон.
Шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, оценил дека евентуално затворање на границите за мигранти во горниот тек на западно-балканската рута, ќе создаде опасна ситуација за Србија и целиот регион.
„Без оглед на разбирањето и емпатијата што ја имаме кон мигрантите, не можеме да дозволиме Република Србија да претвори во своевиден собирен центар за мигранти. Србија не е во можност да ги прими назад ни мигрантите кои транзитирале преку нашата територија, а не добиле азил во ЕУ, бидејќи за тоа немаме ни капацитети, ни средства, ниту сме прва земја на нивен влез“, изјавил Дачиќ.
„Почнуваме со работа и на Балканот“
Порталот Еурактив потсетува дека претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер во октомври лани организирал мини-самит за Западен Балкан со цел да се успори приливот на бегалци по должината на балканската рута, низ Македонија и Србија. Во официјалното соопштение од тој самит е наведено дека Грција ветила дека до крајот на 2016 година ќе го зголемува бројот на места за сместување бегалци на 30.000 лица. Уште 20.000 би требало да бидат распоредени во приватно сместување, а уште 50.000 места се предвидени во земјите северно од Грција, но не се наведува за кои држави станува збор, додава Еурактив.
Токму решенијата за ова ќе се бараат на конференцијата во Лондон. Како што пишува Еурактив, ќе бидат определени средства од Фондот на ЕУ за одговор на сириската криза и ќе бидат користени за задржување на бегалците во Србија и во Македонија. Неименуван официјален извор од ЕУ, за Еурактив потврдил дека дел од парите од фондот кој ЕУ го основала во 2014 година „ќе помогнат бегалците кои стигнале до Србија и Македонија да се задржат таму“.
„Фондот располага со 650 милиона евра и така ги обезбедуваме беглците, односно им помагаме да останат таму каде што се, главно во Либан и Јордан, но почнуваме со работа и на Балканот“, изјавил овој официјален извор. Ова е прв пат еден функционер на ЕУ да зборува за „задржување на беглиците таму каде што се“, а притоа да зборува за Македонија и Србија, наведува Еурактив, и додава дека тие земји „не сакаат да станат тампон зона“, исто како што и мнозинството мигранти само сакаат да поминат низ нив што е можно побрзо, за да продолжат кон Австрија и Германија.
Порталот потсетува дека според досегашното искуство, бегалците обично остануваат во земјата домаќин меѓу 13 и 18 години и дека не треба да очекува нивно брзо враќање дома дури и по завршување на воените дејства во Сирија.
Според најновите истражувања во Словенија, мнозинството граѓани се противат на идеите во нивната земја да бидат подигнати бегалски кампови. Слична е ситуацијата и во Бугарија.
„Претворањето на сиромашните европски држави како Бугарија и Грција во тампон зони, е безумно злосторство кон европски граѓани. Тоа е уцена на сиромашните за трошки“, ја пренесуваат бугарските медиуми изјавата на нивниот европратеник, Николај Бареков. Според нив, тој алудирал на притисокот од германската канцеларка врз бугарскиот премиер да се согласи со подигање на т.н. „hot spots“, сместувачки капацитети од поголем обем за бегалците, на сметка на пари од фондовите на ЕУ.
Стандардизирана регистрација
Во Македонија засега се води само дебата околу регистрацијата на мигрантите.
На вчерашниот состанок организиран од македонското МВР, на кој присуствуваа директорите на полициите од Србија, Хрватска, Словенија и Австрија, договорено е преку унифициран документ да се подобри регистрација на бегалците.
„За таа цел е неопходно да се усогласиме за стандардите на регистрациските методи и постапки. Тоа вклучува подготовка на стандардни документи кои треба да се издаваат од сите засегнати страни долж западно-балканската рута. Податоците за регистрираните мигранти да се складираат во националните бази и да се врши навремена размена на тие податоци“, изјави директорот на Бирото за јавна безбедност“, Горанчо Славовски.
Договорено е на лицата кои немаат патни документи а со себе носат фалсификувани патни документи, или имаат погрешни изјави за нивната националност или идентитет, да не им се дозволи влез на границата. Притоа е оценето е дека распоредувањето на странски полициски службеници на македонско - грчката граница дава позитивни резултати и претставува силна порака дека засегнатите земјите се одлучни заеднички да се справат со миграциската криза.
Заменикот - директор на австриската полиција, генерал Франц Ланг, нагласил дека е неопходно заеднички да се работи за намалување на приливот на луѓе кои имаат мали или никакви шанси да добијат право на азил.
„Австрија е втора најмногу засегната земја во Европа. Шведска има 16 баратели на азил на илјада жители, Австрија околу десет, а Германија околу седум“, изјави Ланг.