„Њујорк тајмс“: Трамп има банкарска сметка во Кина
21 октомври 2020Весникот „Њујорк тајмс" обелодени дека хотелскиот концерн на Трамп за време на неговата кандидатура за претседателските избори во 2016 година сѐуште имал канцеларија во Кина и тесно соработувал со кинеска државна фирма, истовремено Трамп поседува и банкарско конто во Кина.
Информациите се појавуваат две недели пред претседателските избори во САД, во неповолно време за Трамп, особено што актуелниот претседател на изборните митинзи постојано го обвинува својот противкадидат Џо Бајден за попустливост кон Пекинг. Утре вечерта Трамп и Бајден ќе се соочат на последен ТВ-дуел пред изборите на 3 ноември.
Трамп во повеќе наврати го напаѓаше Бајден за вмешаност во деловните активности на неговиот син Хантер во Кина и во Украина, што поранешниот вице-претседател го демантира. Ниту во јавно објавените даночни документи на Бајден нема докази за бизнис релации со Кина.
Фактички, Трамп е тој кој со години бил активен во Кина, пишува „Њујорк тајмс", повикувајќи се на анализа на даночните акти на Трамп. Според нив, претпријатието на Трамп, Интернешнл хотел менаџмент меѓу 2013. и 2015. година платило преку 188.000 долари даноци во Кина.
Весникот пишува за обид на Трамп уште во 2008. година да изгради деловна повеќекатница во кинеската метропола Гуанчжои, кој на крајот се изјаловил, но долгогодишните напори вродиле со отворањето биро во Шангај во 2012. година.
„Њујорк тајмс" известува дека хотелското претпријатие на Трамп уште поседува банкарска сметка во Кина, исто како и во две други странски држави – Велика Британија и Ирска.
Повеќе:
Трамп го засилува притисокот врз кинеските сопственици на ТикТок
САД и Кина: Гаѓај надвор, собирај поени дома
Пропагандна војна помеѓу Кина и САД: Чиј е коронавирусот?
Адвокатот на Трамповиот концерн, Алан Гартен на прашање на „Њујорк тајмс" одговорил дека банкарската сметка е отворена во филијала на кинеска банка во САД, за да се овозможи плаќање даноци во Кина. Но, од 2015. година концернот на Трамп не остварил „никакви зделки, трансакции или други деловни активности" во Кина, неактивно е и тамошното биро.
Новинската агенција АФП од доверливи извори дознала за преговори меѓу фирма во составот на империјата Трамп со кинески државен енергетски концерн за влез во гигантски градежен проект во Пекинг, но на крај идејата останала нереализирана.
Под мотото „Америка на прво место", Трамп уште во 2016. година користеше агресива антикинеска реторика, означувајќи ја Кина за најголема опасност за САД и западниот демократски систем. Првиот мандат на Трамп беше во знакот на трговскиот конфликт со Пекинг.
Во корона-кризата Трамп дополнително го заостри тонот кон Кина, употребувајќи го терминот „кинески вирус" и директно обвинувајќи го Пекинг како одговорен за ширење на вирусот Сарс-КоВ-2. Истапувањето на САД од членство во Светската здравствена организација Трамп го образложи со нејзина наводна блискот со Кина.