Јуратовиќ: Елитите не сакаат во ЕУ, бидејќи се плашат од синдромот 'Санадер'!
5 мај 2014Јосип Јуратовиќ, пратеник на Социјалдемократската партија во Бундестагот, член на парламентарната Комисија за надворешни работи и известувач за Југоисточна Европа, деновиве беше во посета на Македонија. Тој ја посети фабриката „Дрекселмаер“, за да се увери во какви стандарди и услови работат македонските работници во најголемата германска инвестиција во Македонија. Во интервју за Дојче веле, Јуратовиќ отворено зборува и за демократските и интеграциски предизвици кои ја ставаат на тест подготвеноста на Македонија да ги реши нив, низ дијалог, работа и иницијативи.
ДВ: По објавувањето на изборните резултати од парламентарните избори во Македонија, оценивте дека земјата избрала пат кој не води кон иднина, туку кон статус кво. Има ли во таа оценка доза на социјалдемократска солидарност со сестринската партија во Македонија?
„Да, реков така, но се изјаснив и по прашањето за непризнавање на изборите од страна на опозицијата. Реков, колку и да има обвинувања за неправилности, сепак, не може да има толку неправилности за да се случи толкава голема разлика во гласовите. Со тоа, јас, пред сѐ, се изјаснив како демократ, а потоа како социјалдемократ. Каде и да одам во земјите од овој регион, секаде се залагам за демократизација на општествата и за пренесување на демократските вредности, бидејќи тоа е единствен начин да се успее во интеграцијата. Јас сум против тоа да се „дилаат“ нашите европски демократски вредности, а токму тоа постојано се случува овде.
ДВ: Која ви е првата помисла кога ќе се спомне името Македонија?
„Првата помисла за Македонија е дека таа е внатрешно длабоко поделена земја. Втората, е спорот за името меѓу Грција и Македонија, прашање за кое често разговараме кога доаѓаат делегации од Македонија. Но, јас ви тврдам дека спорот за името не е главен проблем на Македонија, иако тоа прашање така се тематизира и пласира кон надвор. Главниот проблем на Македонија е токму тоа што е поделено општество, прво по национална основа, а потоа и по социјална. Има висок процент на сиромаштија и невработеност, и тоа е всушност оној слој на луѓе кои не излегува на избори, бидејќи изгубил секаква верба. Ако сакаме да и бидеме пријатели на Македонија, мора да бидеме искрени во оценките за неа. Јас сум германски пратеник и знам дека сите од регионов и се обраќаат на Германија за помош. Германија може да помогне, но не и да ја преземе работата на оние кои треба да ја сработат - политичките елити и општеството во целина.
ДВ: Се забележува ли иницијативност кај македонската власт за преземање крупни и клучни чекори за иднината на земјата?
„Да бидам искрен, не само Македонија, туку и целиот Западен Балкан, не е во фокусот на светскиот интерес и политика. Имавме жешки проблеми во Северна Африка, во Централна Африка, Блискиот Исток. Знаеме што се случуваше во Турција, Сирија, а сега во Украина. Толку сме окупирани со тие глобални проблеми, што баш никој и не е задолжен за Македонија, ниту за Косово, Босна, па ни за Бугарија или Романија, без оглед што тие се членки на ЕУ. Тоа што поради актуелни жаришта овие земји не се фокусот на интерес, според мене, е и проблем. Јас се обидувам секогаш кога можам, да ги заинтересирам луѓето за решавање на проблемите превентивно, затоа што кога ќе пламне пламен, потоа е доцна. Имаме кризни подрачја во Европа кои тлеат. Не велам дека таму утре ќе избие војна, но можни се социјални немири. Затоа се залагам превентивно да се работи и да се помогне, за да се спречи катастрофа.
ДВ: Според тоа, дали само политичка криза во земјава би можела да го насочи фокусот на ЕУ кон Македонија?
„Бриселската бирократија си ја работи својата работа, носи оценки, се обидува да помогне колку што може. Подготвени сме да помогнеме, но не и да работиме наместо оние кои се избрани за тоа. Она што е најважно, е да се гради критичко општество. За тоа е потребна една нова култура на дијалог, внатре во земјата. Што значи да се биде член на една партија? За што служат партиите? Дали членството во партиите е само гласачка машинерија? Дали тој што се зачленил ја гледа партијата само како можност да дојде до одредена привилегија? Или партиите се тие што треба да креираат програми и проекти? Токму на овој план најмногу е потфрлено. Од надвор не обрнуваа многу внимание како функционира тој партиски живот овде, а од внатре општеството воопшто не сфати за што треба да служат партиите. Дојдовме во ситуација, по распадот на југословенската Комунистичка партија, да имаме нови партии, но тие повторно функционираат како комунистички. Имаат еден водач, сите каскаат зад него и како ќе каже водачот - така сите постапуваат. Тоа е најголем проблем во моментов. Вие немате критична маса. Демократијата е најголемата правда што постои, особено можноста да се избира. Зад гласачкиот параван и мојот, и вашиот, и гласот на богатиот, и на сиромашниот, и на образованиот, и на необразованиот - е подеднакво вреден. Душата ме боли кога гледам како некои својот глас евтино го продаваат или едноставно не го користат. За тоа треба да се дискутира овде, во општеството. Вам во Македонија, а тоа важи и за другите во регионот, не може да ви помогне никој од надвор! Често сум во Босна и таму ми велат: Поради Дејтонскиот договор не можеме да го направиме ова или она. Јас барам да ми одговорат на едно прашање: со што Дејтонскиот договор некого го спречува да биде човек? Аналогно на тоа, кажете ми кој дел од македонскиот Устав некого го спречува да води дијалог? Со што Уставот спречува заеднички да се бараат решенија и компромиси? Додека не се сфати тоа и не почне да се дејствува во таа насока, ни сто Јуратовиќи и ни сто Мерекелови не ќе може да ви помогнат. Дали ни треба Македонија во ЕУ? Ние можеме и со Македонија, а можеме и без Македонија. Дали вам ви треба ЕУ? Вие треба да знаете. Можеби Македонија може и без ЕУ. Ако сте сигурни во тоа, ви симнувам шапка. Македонија сега вози со 30 на час и јасно ни е дека не може да достигне брзина од 180 или да ја стигне Германија која вози со 200 на час. Затоа, подготвени сме да помогнеме. Но помошта се состои во оние пет до 10 отсто, откако вие ќе завршите 90 отсто од обврските. Не е помош ако ние треба да сработиме 90 отсто, а вие да се погрижите за остатокот, а можеби ни за тоа. Искрено ќе ви кажам: елитите на Западен Балкан, сите без исклучок, не сакаат во Европската Унија, бидејќи најмногу се плашат од синдромот 'Санадер' и од независно судство. Хрватска не постигна многу до влезот во ЕУ, но едно постигна: конечно почнува да станува правна држава и тоа и отвора други можности.
ДВ: Со германската амбасадорка, г-ѓата Гудрун Штајнакер, бевте во посета на најголемата странска инвестиција во Македонија - фабриката за автомобилски делови, „Дрекселмаер“. Дали може да потврдите дека германските работни стандарди и услови се применуваат и почитуваат и овде?
„Добро е што во земјава дошла компанија која вработува 4.200 луѓе, а не нешто ситно. Јас 22 години работев во автомобилската индустрија, го познавам тој бизнис и мислам дека тоа е добра инвестиција. Порачав дека е добро да се создадат тарифни партнери, да се формира работнички совет, синдикална организација, да се потпишат колективни договори. Ми беше позитивно сигнализирано дека тоа ќе биде тема. За работниците е добро да имаат колективни договори, но им објаснив дека тоа е уште поважно за менаџментот, бидејќи кога имате 4.200 работници, голем проблем е да се разговара со секој работник поединечно за плати, стандарди, услови. Тоа бара поголема администрација и време. Ако некој има слух за успех, треба да има слух и за социјален мир во претпријатијето, а тој најдобро се создава кога има интересни заедници кои го договараат тој мир преку дијалог. Им посочив дека фирмите во германска индустрија се 90 отсто организирани и имаат силни работнички совети. Таму има силна синдикална традиција. Во Македонија синдикалната традиција е разбиена. Се фрапирав во 2012 година, кога дојдов овде и ми рекоа дека Синдикатот на планира Првомајски протест или манифестација, бидејќи претседателот на ССМ имал став дека функционира социјалниот дијалог. Им велам - јас сум католик и тоа за мене би значело како кога Папата би рекол дека ние нема да го славиме Божик. Први мај е ден на работниците и тој мора да се одбележи на соодветен начин, а на синдикалните функционери им е должност да бидат присутни на одбележувањето на празникот“.
ДВ: Владата пред странските инвеститори ја рекламира Македонија како земја со евтина работна сила. Според вас, дали е тоа коректно?
„Не е коректно. Прво, евтината работна сила не е фактор или причина ниту за оваа инвестиција, а нема да биде и за која било друга. Ако инвеститорот сака добар квалитет на производот, за него е најважна квалификуваната работна сила, а квалификуваните работници бараат соодветна плата. Во однос на инвестициите најважни фактори се стабилната држава, правната држава, добрососедските односи, инфраструктурата, високото, а уште поважно - стручното образование. Ако овие клучни фактори не функционираат, тогаш е најмалку важно дали имате евтина или скапа работна сила. Она што луѓето го бараат е сигурност на инвестицијата и квалитет на производот. Но, она што е многу важно, е Македонците да можат да бидат стожер на стопанскиот живот во земјата. Кога овде успешно ќе се создаваат и ќе функционираат мали и средни претпријатија, тогаш ќе дојдат и многу од надвор. Сѐ друго, е малку повеќе авантура“.