1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јосиповиќ е нов претседател на Хрватска

11 јануари 2010

Кандидатот на опозициската Социјалдемократска партија Иво Јосиповиќ во вториот круг од претседателските избори освои 60,29 насто од гласовите додека неговиот ривал, независниот кандидат Милан Бандиќ - 39,71 насто.

https://p.dw.com/p/LQEr
Иво Јосиповиќ на граѓаните им порача: ќе ги победиме тешката економска криза, корупцијата и криминалотФотографија: AP

Хрватите го избраа угледниот правник и композитор на класична музика Иво Јосиповиќ за трет претседател на државата од прогласувањето на нејзината независност. За 52-годишниот кандидат на опозициската Социјалдемократска партија, според привремените официјални резултати што на полноќ ги соопшти Државната изборна комисија, гласале нешто повеќе од 1,3 милиони граѓани кои излегле на вчерашниот втор круг претседателски избори. Неговиот противкандидат, некогашен партиски колега и актуелен градоначалник на Загреб, Милан Бандиќ, пак, освои 880 илјади гласови. Во обраќањетo по објавувањето на изборните резултати, Јосиповиќ изјави дека сака да биде претседател на сите Хрвати, и на оние кои гласале и на оние кои не гласале за него, и оти не сака да разделува, туку да спојува.

„Не плашете се“

Јосиповиќ порача дека нема да ги разочара граѓаните на Хрватска:

„Не плашете се, ќе ја победиме оваа тешка економска криза. Ќе ги победиме корупцијата и криминалот. Ќе ги победиме сиромаштијата и бедата. Тргнуваме заедно на пат кон нова Хрватска. Заедно сме сила која го менува изгледот на оваа земја, го урива темелите на неправдата и создава подобра Хрватска.“

Präsidentschaftswahl Kroatien
Милан Бандиќ се враќа на работата како градоначалник на ЗагребФотографија: AP

Јосиповиќ оцени дека Хрватска ќе биде една од сјајните ѕвезди на европското небо, земја во која работата се плаќа, криминалот казнува и владее демократија, социјална сигурност и правда:

„Вистина е, не‘ чека голема и тешка работа. Не‘ чека искушение кое ќе го совладаме и Хрватска конечно ќе биде земја каква што заслужуваме.“

Месиќ: победи европска Хрватска

Противкандидатот Милан Бандиќ му честита на Јосиповиќ за победата и му посака да биде претседател на сите граѓани на Хрватска. Тој најави дека и покрај поразот, продолжува натаму и оти од денеска се враќа на работата како градоначалник на Загреб.

На Јосиповиќ му честиташе и хрватската премиерка Јадранка Косор, која се заложи за меѓусебна соработка и уважување, како и актуелниот шеф на државата Стипе Месиќ, кој оцени дека на изборите победила европска Хрватска.

Одзивот во вториот круг изнесувал околу 50,28 насто, или шест проценти повеќе отколку во првиот круг, пред две недели. Денеска напладне ќе бидат објавени конечните официјални резултати од изборите. Новиот претседател ќе положи заклетва на 18 февруари 2010 година, кога му истекува мандатот на Месиќ.

Автор: СН/ТТ/хина/бета/дв

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска