Што ќе прават Авганистанците кои работат за Бундесверот по повлекувањето?
15 февруари 2013„Политичкото раководство на Бундесверот, значи министерот за одбрана, не размислува за тоа што ќе биде со преведувачите кога Бундесверот ќе се повлече од Авганистан“, вели Гинтер Буркхарт, раководител на организацијата „За азил“ (Pro Asyl) и додава: „Бундесверот не може да има само концепт за тоа како да ги повлече тенковите, а притоа да ги остави луѓето кои се загрозени. Приоритет е да се евакуриаат луѓето, а потоа воената опрема“.
Темата за тие „локални сили“ станува уште од сега актуелна, речиси на две години пред повлекувањето на германските војници од Авганистан. Портпаролот на Министерството за одбрана потврди дека три лица кои работат за Бундесверот во Авганистан веќе поднесле барање за доаѓање во Германија.
Дали решението е доаѓање во Германија?
Буркхарт е огорчен од односот на Бундесверот кон локалниот персонал, кој поради соработката со германските трупи и самиот е изложен на опасност.
„Во една таква опасна ситуација не можете како работодавач да ги оставите луѓето на цедило“, вели Буркхарт и додава: „Тоа не е ниту морално, ниту е во ред од правен аспект. Очекуваме, но и бараме да се заштитат луѓето кои работат за Бундесверот, кој има обврска да се грижи за тие луѓе“.
Буркхарт вели дека Бундесверот не ги исполнува своите обврски, бидејќи на локалниот персонал не му дава можност да се отсели во Германија. Од владини кругови во Берлин се наведува дека во Авганистан се води грижа за луѓето кои работат за Бундесверот. Исто така се наведува и дека германските работодавачи во Авганистан, како што е и Бундесверот, водат на лице место советодавни разговори за време на кои локалниот персонал може да ги изнесе своите стравувања.
„Ако на локалниот персонал не може да му се пружи соодветната заштита, тогаш е можно преселување во Германија од хуманитарни причини“,нагласува официјален Берлин.
Локалниот персонал како мотор на економскиот развој
Германскиот министер за одбрана Томас де Мезие во мај минатата година изјави дека сака локалниот персонал да остане во Авганистан.
„Тие создаваат база за добар економски развој на земјата. Меѓутоа, ако лично се чувствуваат загрозени, тогаш заедно со нивните семејства ќе ги донесеме во Германија“, изјави за првиот канал на германската телевизија АРД министерот Де Мезие.
Од владини извори исто така се наведува дека секој случај се испитува поединечно, како и дека како средство кое може да се примени се разгледува и доаѓањето на тие лица во Германија. Пред тоа се проверува и дали е можно преселување во некое друго место во Авганистан, доколку одредено лице се чувствува загрозено од своите соседи. Единствениот процез за издавање визи, како што тоа го прават САД или Канада за Авганистанците кои работат за нив, се смета за несоодветен, бидејќи ситуацијата на лице место не може да се процени од страна на законодавците во Германија.
Подобро да се спречи, отколку да се лечи
Лицата кои работат за Бундесверот, често и со години, имаат добро образование и зборуваат повеќе јазици. Тие лица можат да имаат голема улога во развојот на демократското општество. Во Берлин се наведува дека за изградба на цивилното општество на авганистанската влада и’ требаат луѓе како локалниот персонал, за на тој начин да го спречи „одливот на мозоци“.
„Подобро одлив на мозоци, отколку мртви луѓе“, вели Омид Нурипур, пратеник од редовите на германските Зелени, задолжен за безбедносна политика. Локалниот персонал му помага на Бундесверот својата работа да ја одработи добро. Сега и на тие лица мора да им се помогне. Опасноста не доаѓа само со повлекувањето на германските војници. Авганистанците кои му помагаат на Бундесверот уште сега се плашат за својата безбедност. Нурипур наведува дека неодамна било киднапирано дете на еден од преведувачите. „Причина за тоа е што неговиот татко соработувал со Германците“, вели Нурипур.