1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што се‘ навистина знае Перковиќ?

Обработка: Ж. Ацеска (ЗЦ/ФАЦ/Ди пресе/БЦ)2 јануари 2014

Апсењето на бившиот југослвенски и хрватски разузнавач Јосип Перковиќ е една од ударните теми за кои пишуваат денешните (2.01) германски весници.

https://p.dw.com/p/1AkO1
Фотографија: picture alliance/PIXSELL

Во денешното издание „Зиддојче цајтунг“ пишува:

„Досега го штитеше т.н. ’Лекс Перковиќ’, но благодарение на промена на законот, бившиот разузнавач Перковиќ сега можеше да биде уапсен. Германија веќе со децении бара негово испорачување поради наводна вмешаност во убиство на југословенски дисидент.“

Весникот потоа потсетува дека Перковиќ се товари за убиството на југословенскиот дисидент Стјепан Ѓурековиќ во 1983. година во баварскиот Волфратсхаузен.

„Со децении постоеше распишана меѓународна потерница по високиот функционер на југословенската, а потоа и на хрватската тајна служба. Хрватските власти сега треба да решат дали тој ќе биде испорачан на Германија“.

Весникот „Зиддојче цајтунг“ потсетува дека е уапсен и бившиот службеник на тајната служба, Здравко Мустач, чие испорачување Германија исто така го бара.

Нобило: Перковиќ нема да има фер судење во Германија

„Франкфуртер алгемајне цајтунг“ је пренесува најавата за вложување жалба на адвокатот на Перковиќ, Анто Нобило, кој порачува - Перковиќ во Германија веројатно нема да има фер судење, поради што сака да му се суди во татковината. ФАЦ потсетува - токму поради случајот Перковиќ дојде до тензија меѓу ЕУ и новата членка, Хрватска.

„Хрватскиот парламент непосредно пред пристапот на јадранската држава на ЕУ во јули донесе закон со кој се забранува испорачување осомничени извршители на кривични дела на другите ЕУ-држави, доколку делата се извршени пред 2002. година“. Дури масивниот притисок од Брисел, вклучувајќи и кратење на финансиската помош, ја принуди Хрватска на повторна промена на законот и овозможување на испорачувањето на Перковиќ. Новиот закон во сила стапи на 1 јануари 2014. година.“

Symbolbild deutsche Presse Presseschau
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Перковиќ би можел да избегне испорачување ако судот реши да се придржува на хрватското право. Според хрватските закони, убиството на Ѓурековиќ е застарено. Ако судот се раководи од германското право, испорачувањето ќе биде можно, зашто во Германија убиствата не застаруваат“, пишува виенскиот весник „Ди пресе“. Весникот потсетува дека ликвидацијата на хрватски емигранти во Германија биле зачестени - во 1970-те и 1980-те години под неразјаснети околности се убиени 22 лица. Германија по прогласувањето независност на Хрватска безуспешно се залагаше кај претседателот Туѓман за екстрадиција на Перковиќ, а германската канцеларка Ангела Меркел дури ја откажа посетата на земјата по повод приемот на Хрватска во ЕУ.

Одговор на многу прашања

„Зошто Германија се впушта толку тврдоглаво во влечење јаже со пријателска земја од ЕУ? Само за да фати човек кој во некоја мината епоха наредил убиство?“, се прашува коментаторот на „Берлинер цајтунг“, кој верува дека случајот Перковиќ крие уште многу одговори:

„Тој во војната за време на распадот на Југославија беше клучна фигура во набавката на оружје за Хрватска. Како шеф на хрватската тајна служба го контролираше тамошното подземје. Во игра беа многу пари. Перковиќ знае каде се парите, кој кои фирми ги купил со нив. Слично како и во Србија, ембаргото на оружје ни во Хрватска не спречи вооружување и војна, а организираниот криминал процвета. Југославија во текот на Студената војна беше Мека за странските шпиони, а и самата изнедри грст спротивставени тајни служби. Јосип Перковиќ, покрај тогашниот хрватски министер за внатрешни работи, спаѓаше во самиот крем на разузнавачката дејност. По почетокот на војната во 1991 година, тој премина во Министерството за одбрана и со тоа во орбитата на американската ЦИА. Испрашувањето на Перковиќ за денешните тајни служби би бил вистински празник, како Нова Година, Божик и Велигден заедно“, пишува „Берлинер цајтунг“.