1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што покажаа комуналните избори во Албанија?

20 февруари 2007

Комуналните избори во Албанија минаа полошо одошто парламентарните во јули 2005. Политичките партии од обата табора мораат да вложат големи напори за да ги надминат очигледните дефицити во изборниот систем – и тоа пред следните избори за парламентот во Тирана, смета Фабијан Шмит во следниот коментар.

https://p.dw.com/p/Adg4
Избирачи во Албанија
Избирачи во АлбанијаФотографија: AP

Првичниот извештај на ОБСЕ за комуналните избори претставува лошо свидетелство за албанската политика. Тоа е доказ дека албанските политичари потрошија децении во ривалски борби, на место да им служат на граѓаните и да создадат ефикасен управен систем во државата. Вината за ваквиот темелен пропуст лежи врз плеќите на обата политички табора.

Социјалистичката партија имаше цели 8 години по безредијата во 1997-та за да создаде сеопфатен избирачки список и соодветен попис на населението. Потоа Демократите имаа година и половина за продолжување на таквите напори. На место тоа, по бројните реформи на изборниот систем, Албанија денес има изборно законодавство што ја институционализира недовербата и ширум ја отвора вратата за политички уцени на избирачите.

Така на пример, во земјите со функционален демократски систем за организацијата на изборите се надлежни државни чиновници, а не политичките партии. Граѓаните им веруваат на службениците, бидејќи тие се обврзани да го почитуваат законот. Во Албанија тоа не е така, таму партиите имаат дури со закон потврдена улога во организацијата на изборниот процес. Тоа се должи секако на фактот што партиите немаат доверба една наспроти друга, но исто така и на тоа што сите сакаат да ја зачуваат можноста да бидат активни учесници во процесот за да спречат изборни измами.

За разлика од онаа за партиите, Организацијата за безбедност и соработка во Европа им даде добра оценка на службениците од Централната изборна комисија во Тирана. Ним им појде имено од рака да обезбедат во голема мера непречен изборен процес. За тоа заслужуваат и признание. Тоа е уште еден доказ оти политиката мора дефинитивно да се повлече од организацијата на изборите.

Извештајот на ОБСЕ исто така содржи јасна задача за албанската влада: таа мора да создаде постојан изборен регистар и сеопфатно да ги снабди граѓаните со лични исправи. Тоа само по себе меѓутоа нема да биде доволно. Законодавецот имено мора решително да застане на страна на граѓаните и да го деполитизира изборниот закон. Следните парламентарни избори се веќе во 2008-та година. И политичарите не смеат повторно да го прокоцкаат преостанатото време за реформи!