Што по Блатер?
8 јуни 2015
ДВ: Г-дине Тоњони, Блатер си замина. Ве изненади ли моментов во кој одлучи да се повлече?
Не само мене, сите на планетава се изненадени од оставката, само неколку дена по изборите. Тоа навистина не можеше да се очекува. Мислам дека луѓето се уште се збунети. Ќе видиме како ќе се реформира фудбалот по тој настан.
Лично го познавате Блатер, со него соработувавте со години. Што мислите, што го мотивираше на овој чекор?
Мислам дека имало притисок однадвор. Не од страна на фудбалот, бидејќи некои сојузи беа против него. Уште многу порано тој почувствува дека половината од фудбалскиот свет не му е наклонет. Веројатно клучен бил притисокот од Американците. По сите случувања, поаѓам од тоа дека Сеп Блатер се консултирал со адвокатите во САД што да прави понатаму. На тој начин можел своеволно да се повлече.
Се шпекулира дека ќе биде покрената истрага и против него. Мислите ли дека е тоа можно?
Можно е. Сценариото е веќе поставено. Американците сега ја гонат ФИФА со своите акции. Во следните денови или недели ќе се знае колку вредеше тивкото повлекување на Блатер. Американците сигурно го избрале Блатер како мета. Но, ФИФА нема едноставно да чека со скрстени раце на ударот на Американците. Ќе биде интересно да се види како во следните недели ќе изгледа правниот спор.
Јозеф Блатер ја водеше ФИФА како „кралот сонце“. Кој би можел да го замени?
Таков маж или жена нема. Никаде не се наѕира лидер кој со нови идеи би можел да изгради модерна ФИФА. Принцот Али бин ел Хусеин (кој му беше противкандидат на Блатер) не може повторно да биде доведен. Луис Фиго за жал веќе малку „изгоре“. Постои Жером Шампањ (поранешниот функционер на ФИФА) кој би бил во состојба тоа да го стори. Но малку е веројатно дека тој ќе ја добие потребната поддршка, пред сѐ затоа што не е во добри односи со Мишел Платини. Во моментов го нема потребниот исцелител. Но, никој не вели дека оној кој ќе го води концернот мора да биде од светот на фудбалот. Сега е важна можност за подобрување на елементарните нешта. Лично сметам дека е многу важно да се ограничи мандатот на претседателот на ФИФА. Во спротивно ќе се бара супермен кој во наредните 20 години ќе остане на функцијата. Тоа не го сакаме. Треба да се смени и гласачкото право на одредени сојузи, коиовеќе не го претставуваат на вистински начин она што се случува во реалниот фудбалски свет.
Како ја гледате идната улога на Европејците?
Тие сега мора да преземат важна улога, мораат да играат улога на миротворци. Сеп Блатер секогаш целно го ширеше ставот дека тој и ФИФА го штитат остатокот од светот пред алчноста на Европејците. Таа алчност не успеав да ја регистрирам. Европа, всушност, секогаш си беше доволна сама на себе и не сакаше да игра голема улога во светската политика. Но Европа сега навистина се гледа како фудбалски и комерцијален центар на фудбалот. Европејците ќе мора да го преземат водството, инаку состојбата ќе им излезе од контрола, а тоа за иднината на ФИФА навистина би било за жалење.
Дали според вас постои алтернатива за ФИФА?
Би можел да замислам поединци кои велат дека главните нации и клубови треба да се поврзат во една интересна група. Тоа дури би можело и да функционира. Но, идејата за ФИФА како организација со светска мрежа не е воопшто лоша. Таа беше само злоупотребена од функционери кои сметаа дека ФИФА постои само заради нивно лично богатење. Мора да се менува менталитетот. Мислам дека идејата на ФИФА мора и натаму да се негува: глобалната промоција на фудбалот која води сметка и за малите. Но токму тој однос е толку изопачен што на овој начин веќе не може да се одржи.
Швајцарскиот правник и новинар Гидо Тоњони од 1984 до 1995 година беше портпарол на ФИФА. Во светската фудбалска организација се врати во 2001 година како шеф на маркетингот. Две години подоцна тој си замина од ФИФА поради разлики во мислењата со Блатер. Оттогаш, тој е еден од најжестоките критичари на светската фудбалска организација.