Што може да се очекува од Макрон, а што од Ле Пен?
26 април 2017Ниеден од двајцата преостанати кандидати не припаѓа на некоја од етаблираните партии. Но, тука завршуваат сличностите меѓу нив. Марин Ле Пен својата целокупна програма ја образложува како заштита на она што таа го нарекува „национален идентитет“. Заради нејзино остварување, таа планира масивни промени во бројни политички области. Емануел Макрон пак се позиционира во политичкиот центар и се залага за споредбено умерени промени. Во неколку пресечни точки,Французите се исправени пред релативно јасна одлука:
Европа: Фрегзит или ЕУ
Желбата на Ле Пен е Франција да ја напушти ЕУ, за што би организирала референдум по изборите. Според Ле Пен, ЕУ и Германија се главни виновници за економската стагнација на Франција. Ле Пен се залага за тотален национален суверентитет, а нејзината цел е во дијаметрална спротивност со европската идеја и Европските договори.
Макрон во изборната кампања настапува како про-Европеец. Тој дури би сакал натамошно продлабочување на ЕУ и истакнува дека иднината на европските држави е можна само во нивното заедништво.
Валута: Франк или евро
Марин Ле Пен сака откажување од еврото и враќање кон франкот. Притоа, деталите се нејасни: на каков начин планира да ги реши француските државни долгови и да го финансира државниот апарат? Што ќе биде со заштедите на Французите? Таа ја апстрахира опасноста од тешка финансиска криза во Франција по напуштањето на заедничката европска валута.
За Макрон е најприродно останувањето на Франција во еврозоната. Меѓутоа, тој има големи планови: би сакал заеднички буџет на еврозоната, вклучувајќи министер за финансии и парламентарна контрола. Во тоа спаѓа и промена на финансиските правила, односно висината на дозволениот долг на одделните држави. Деталите и тука се нејасни, посебно што оваа реформа не е можна без промена на Европските договори.
Надворешна трговија: Протекционизам или слободна трговија
Ле Пен планира заштита на француската економија преку тотална изолација, нејзиниот централен слоган гласи: „Франција на прво место“. Претседателската кандидатка ветува заштита од последиците на глобализацијата, како дислокација на работни места во странство, и е противник на слободната трговија. Истовремено, таа зборува за извоз на француски производи во цел свет.
Макрон се залага за либерален економски поредок, за реформирање на Франција и подобрување на нејзината економска конкурентност. Тоа подразбира олеснување на основањето претпријатија и намалување на финансиските оптоварувања. Екс-министерот за економија е поборник на слободна трговија и на технологиите на иднината. Истовремено, тој би го редуцирал бројот на јавни службеници, би ја намалил бирократијата и францускиот државен апарат.
Пазар на работна сила: Социјален или либерален
Ле Пен би ја задржала сегашната заштита на вработените и би ги протежирала Французите при распределбата на работни места. Таа планира старосна граница од 60 години за пензионирање и финансирање на давачките, меѓу другото, преку борба против даночно затајување.
Макрон се залага за флексибилизација на крутиот пазар на работна сила и намалување на социјалните трошоци, првенствено кај осигурувањето во случај на невработеност. Во тоа спаѓаат резови во правото на социјална поддршка. Макрон планира првично пензионирање со 62 години и подоцнежно зголемување на старосната граница.
Имиграција: Изолација или решение на ЕУ-ниво
Визијата на Ле Пен е затворање на француските граници и намалување на бројот на имигранти на 10.000 годишно. Таа смета дека е загрозен националниот идентитет, посебно поради муслиманите. Мигрантите во иднина не би требало да добиваат никаква државна помош.
За Макрон, прифаќањето баратели на азил и странски студенти е „шанса и гордост“, тој се залага за обезбедување на надворешните граници на ЕУ заради запирање на напливот бегалци и би се придржувал на европските спогодби.
Тероризам: Превентивни депортации или правна држава
Ле Пен би ги протерала сите сомнителни мигранти, би ги заострила законите и казните и би отворила илјадници нови полициски работни места. Таа се залага и за проширување на можностите за државна интервенција.
И Макрон гледа потреба од отворање нови работни места во полицијата, кои беа скратени во времето на владата на Никола Саркози. Инаку, во борбата против тероризмот, тој останува на постојните средства и европската соработка.
Безбедносна политика: Русија или НАТО
Ле Пен планира приближување на Франција кон Русија, ја оправдува анексијата на Крим и се залага за приклучување кон стратешки сојузи во борбата против терористичката милиција Исламска држава, со истовремено излегување на Франција од НАТО, оставајќи го отворено прашањето за натамошни сојузништва.
Макрон ги брани санкциите и досегашната дистанцирачка политика на Европа кон Русија, пледира за континуитет во француската надворешна и безбедносна политика.