1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што е тоа приватност?

Јохен Киртен / Игор Смилевски18 ноември 2012

Во франкфуртската ликовна галерија „Шрин“ во тек е изложба која се обидува да прикаже како во последниве десетина години уметниците излегуваат на крај со поимот „приватност“. На тапет се социјалните медиуми.

https://p.dw.com/p/16eCA
Фотографија: Kunsthalle SCHIRN

„Фејсбук е еволуирана форма на Големиот брат“. Оваа теза не припаѓа на некој постар интелектуалец или медиумски критичар, туку на уметникот Едгар Лецијевски. Тој е еден од триесеттината уметници чии дела моментно се изложени во галеријата „Шрин“ во Франкфурт, на изложбата со наслов „Приватно“. Изложбата ја покренува темата: Како современите медиуми влијаат на луѓето и кои се предностите и ризиците за секој поединец кој својата приватност ја споделува со јавноста?

Ausstellung PRIVAT
Едгар ЛецијевскиФотографија: DW/J. Kürten

Лецијевски на изложбата се претставува со три фотографии на кои се претставени „пикселирани“ луѓе во Њујорк. Идејата за ова му се јавила пред неколку години кога во Њујорк за прв пат се соочил со „Стрит вју“ платформата на Гугл.

Во неговата земја во тоа време не постоела таква технологија. За него луѓето на фотографијата претставуваат ликови од 21-от век.

„Вработените од Гугл ги направиле овие лица непрепознатливи со цел да ја заштитат нивната приватност. Ликовите се ’заматени’ и сведени на проектирана површина“, вели Лецијевски.

Изложување пред јавноста

„Уметниците секогаш се занимавале со своите внатрешни чувства“, вели директорот на галеријата „Ширн“ Мак Холајн. Тој смета дека приватноста гледана низ призмата на уметноста не е воопшто нов концепт. Автопортретите и пишувањето за себе имаат долга традиција дури и надвор од светот на уметноста.

Ausstellung PRIVAT Schirn Kunsthalle Frankfurt
Изложбата е во француската ликовна галерија „Шрин“Фотографија: NORBERT MIGULETZ

Она што е ново и со кое всушност се бави оваа изложба, е како приватноста се третира од страна на поширокото општество. Социјалните мрежи како Фејсбук и интернет - каналите предводени од Јутјуб, овозможуваат секој да го прикаже својот интимен живот на секого и во секое време. Ваквиот тренд, се разбира, е особено атрактивен за уметниците.

„Се разбира дека сите се радуваме на големиот број нови технички можности кои ни стојат на располагање“, вели кустосот на изложбата Мартина Вајнхарт. Никој не сака да се врати 50 години наназад. Од друга страна, треба секогаш да се има предвид дека станува збор за две спротивставени слики. „Кога веќе не сме господари на нашите слики, на нашиот приватен живот, кога сме прикажани во ситуации кои не се убави и тоа во јавност, тогаш мора да се сфати дека се работи за две спротивставени слики“. Оттаму секој е одговорен за своето однесување не само во реалниот, туку и во виртуелниот свет.

Deutschland Frankfurt am Main Kunsthalle Schirn Ausstellung Privat
Фотографиите се со променет квалитет и заматени ликовиФотографија: Kohei Yoshiyuki, Courtesy Yossi Milo Gallery, New York

Приватноста се случува зад затворени врати

Кустосот Мартина Вајнхарт говори и за терминот „електронска самотија“ што опфаќа голем број на луѓе кои едноставно не можат да се одвојат од своите мобилни телефони.

Како да се заштитиме себеси во џунглата од социјални мрежи и современи медиуми? Вајнхарт објаснува: „Приватното прикажување во јавноста е секогаш инсценирано. Секоја слика е инсценирана. Така било со Енди Ворхол во 60-тите години на минатиот век. Така е и сега. Вистинскиот приватен живот се’ уште се случува зад затворени врати, кога сите камери и телефони се исклучени“.