1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што го деконцентрира Александар Вучиќ?

Ивица Петровиќ/Н.Д.13 јули 2016

Изборниот циклус во Србија одамна заврши, но уште се чека на формирањето на новата влада. Што всушност го одолговлекува овој процес: „дворските игри“ во СНС, потрагата по нови сојузници, Москва или „купување на време“?

https://p.dw.com/p/1JOBu
Фотографија: picture-alliance/dpaN.Ibrahimkadic

Иако по објавувањето на конечните резултати од изборите и убедливата победа на Српската напредна партија (СНС) се очекуваше дека формирањето на владата ќе биде брзо и едноставно, моментално нема показатели дека таа наскоро ќе се финализира. Власта порачува дека се ќе биде завршено во законски предвидениот рок, односно 90 дена од формирањето на новиот состав на Собранието на Србија, што практично значи до почетокот на септември.

По почетните одделни консултации со партиите од собранието, мандатарот Александар Вучиќ постојано наоѓаше нови изговори да го одложи формирањето на владата: еднаш причината беше посетата на кинескиот претседател, вториот пат „Брегзит“, а сега се вели дека владата мора да биде формирана до посетата на делегацијата на Меѓународниот монетарен фонд на 17 август. Секако, ова одолговлекување донесе низа сериозни, но и смешни објаснувања: од тоа дека на тој начин се спушта цената на потенцијалните коалициони парнтери, се до изјавата на Александар Вучиќ дека на тој начин ги спречува лидерите на политичките партии да одат на летување.

Дворските игри го забавуваат формирањето на Влада

Навистина е тешко да се објасни зошто формирањето на Владата се одложи до толкава мера, објаснува за ДВ новинарот на неделникот НИН Владан Марјановиќ. „Можеби желбата на Вучиќ е да ги држи во неизвеснот целата јавност и политичката сцена, па сите да го чекаат неговиот последен збор. Нему очигледно не му пречи да владее и во овој технички мандат, бидејќи тука ништо не е сменето во однос на претходната влада, ниту ќе се промени кога ќе ја добиеме новата. Целата власт е концентрирана во рацете на Александар Вучиќ и гледано од тој аспект, потполно е сеедно дали имаме влада во полн состав.“

„Мислам дека во случајов, одолговлекувањето на формирањето на Владата е дел од некаква политичка игра, бидејќи други причини не постојат“, оценува за Дојче Веле професорот од Факултетот за политички науки, Ѓорѓе Павиќевиќ. „Кога велам политички игри, мислам на дворски игри, обиди да се задоволат различни интереси, како и калкулирање што ќе донесе најголема политичка корист“

Belgrad Serbien Wahlen
Изборите беа одамна...Фотографија: picture-alliance/dpa/O.Toskic

Што ќе каже Москва?

Како причина зад развлечениот процес на формирање на новата влада се наведува неодлучноста на мандатарот околу потенцијалните коалициони парнери. Постои чувство дека самиот врв на СНС сака да се откаже од понатамошна соработка со СПС, иако според сите проценки продолжувањето на нивната соработка би било најлогично решение. Имено, во изминатиот период се појавија нови, неочекувани сојузници на СНС, како што се Лигата на социјалдемократи на Војводина (ЛСВ) и Либерално демократска партија (ЛДП). Сепак, останува нејасно дали тоа ќе биде официјална поддршка.

Новинарот на НИН, Владан Марјановиќ смета дека изборот на коалиционите партнери не би требало да претставува кочница „бидејќи Вучиќ ги има сите асови во ракавот и таа дилема може да се реши за пет минути. Ми се чини дека поголем проблем е изборот на одделни луѓе за конкретни места во владата, бидејќи тука, тој мора да балансира помеѓу задоволувањето на потребите на својата партија и потребата од друга страна, да се промешаат картите во кадровска смисла. Доколку Вучиќ задржи 80% од составот на сегашната Влада, тогаш повторно ќе се наметне прашањето за потребата од одење на избори. Секако и тоа не е оправдување, бидејќи и за кадровските прашања, Вучиќ имаше доволно време да размисли“.

Марјановиќ напоменува дека постои уште едно релевантно прашање, а тоа е на кој начин ќе бидат задоволени ставовите на Москва: „Тоа пред сè, се однесува на изразената желба на Москва дo новата влада, демонстративно да ја покаже својата решителност да ги задржи односите со Русија на досегашното ниво. Односно, доколку би се изразил малку погрубо, која личност ќе се појави како експонент на проруската политика во новата влада.“

Шестчасовно експозе

Мандатарот најавува обемно експозе. Најпрво се говореше за 180 страници, но самиот мандатар тврди дека истото ќе има барем 200 страници. Се проценува дека читањето на таквото експозе би траело најмалку шест часови. „Мислам дека тука не можеме да очекуваме ништо повеќе тод тоа што веќе го знаеме“, вели Ѓорге Павиќевиќ. „Можеби ќе има повеќе општопознати цитати, но мислам дека е несериозно да се има експозе на 200 страници. Тоа е замајување на пратениците и целата јавност“.

Владан Марјановиќ исто така смета дека нема потреба од толку големо експозе, освен ако намерата е повторно да се прикажува, како нешто да се случило за прв пат во историјата на земјата. „Експозето само покажува дека Вучиќ има мегаломански амбиции во секој поглед и еве уште една можност истото да го потврди низ ова експозе“.