Што ветија пред една година, а што направија?
5 октомври 2011Во очи на октомвриските избори лидерот на СДП (Социјалдемократската партија) во Босна и Херцеговина, Златко Лагумџија, вети „држава за човек“ и пресметка со дотогашните владеачки елити.
„Владејачката петорка ќе биде избркана со законот за одземање на украдениот имот“, рече Лагумџија на предизборниот собир на СДП во Зеница.
Наместо да ги избрка, лидерот на СДП им се придружи, а владејачката петорка нарасна на шесторка. Според волјата на шефот на СДП, СДА (Партијата за демократска акција) повторно доби прилика да учествува во формирањето на власта, а генералниот секретар на оваа партија, Амир Зукиќ порача дека „народот знае дека СДА е еднакво на БиХ“.
Кандидатот на СДА за Претседателството на БиХ, Бакир Изетбеговиќ вети на еден предизборен ифтар во Високо – економско опоравување на земјата и поголеми пензии.
„Јас сум дал предизборно ветување, а до сега, благодарение на Бога, сме ги извршиле сите: сигурноста, стабилноста, работниот амбиент и запослувањето“, рече Изетбеговиќ.
Слични ветувања даваше и кандидатот за државното Претседателство од СНСД (Сојузот на независните социјалдемократи), Небојша Радмановиќ на предизборниот собир во Шековиќи.
„СНСД и’ помага на цела Република Српска. Го помагавме тоа и пред четири години, ќе помагаме и во наредните четири години“, рече Радмановиќ.
Револт: „Народот знае дека ова не е држава за човек“
Комбинирајќи ги изборните пароли на СДП и СДА неколку месеци по изборите, активистите на тузланското движење „Револт“ порачаа дека „народот знае дека ова не е држава за човек“. Тогаш веќе беше јасно дека пензиите нема да бидат зголемени, дека од економското опоравување нема ништо, како и дека владејачката шесторка не е во состојба да ја испочитува изборната волја на граѓаните.
Директорот на Центарот за хумана политика од Добој, Момир Дејановиќ, гостувајќи во емисија на ФТВ потсети дека „партиите во Федерацијата Босна и Херцеговина ветиле пензии во износ од 50 проценти од просечната плата, а тие сега изнесуваат 40 проценти“.
„И во Република Српска ветија зголемување на пензиите, а најмалата пензија во тој ентитет е 160 конвертибилни марки, што е национален срам“, нагласи Дејановиќ.
Во очи на изборите челниците на двете ХДЗ (Хрватски демократски заедници) говореа како ќе ја решат „нерамномерно востановената положба на Хрватите“. Во изборната ноќ на 3-ти октомври 2010-та година лидерот на ХДЗ во Босна и Херцеговина, Драган Човиќ своето гласачко тело го поздрави од Мостар како од „идната престолнина на хрватската федерална единица во БиХ“.
Двете ХДЗ денес не партиципираат во федералната власт, а поради меѓупартиските несогласувања, во трите федерални кантони власта уште не е ниту формирана. Од општите избори помина една година. Граѓаните се разочарани. Едни зборуваат дека „БиХ стои во место, што е големо заостанување во однос на другите држави во регионот“, а други дека таа „отишла во пропаст“.
Вонредните избори невозможна мисија
Досегашните апели на невладините организации, меѓу кои има и четири години стар предлог на Центарот за цивилни иницијативи да се воведе рок за формирање на власта и институт вонредни избори, чекаат уставна реформа, вели аналитичарот од овој центар, Ивица Ќавар, оценувајќи дека земјата се наоѓа во многу тешка ситуација.
„Повеќе од половина милион се незапослени, нема Совет на министри, ниту државен буџет и се доцни во процесот на европските интеграции“, укажува Ќавар.
Опозиција во БиХ речиси и да нема. Ветувајќи им дел во власта, Додик и Лагумџија ги купија довчерашните лути противници, а од политичките договори за иднината на земјата го отфрлија Сојузот за подобра иднина (СББ) на Фахрудин Радончиќ, Партијата за демократски прогрес (ПДП) на Младен Иваниќ и Демократската партија (ДП) на Драган Чавиќ. Лидерот на „Нашата партија“, Денис Грац смета дека е време за вонредни избори.
„Додека политиката се води исклучиво според етничките одредници, оваа земја нема никогаш да постигне суштински напредок. Бидејќи не е испочитувана волјата на граѓаните ниту една година по општите избори, го повикувам високиот претставник да ги искористи своите овластувања и да наметне измени на Изборниот закон, за да се овозможи распишување на вонредни парламентарни избори“, порача Грац.
Автор: Самир Хусеиновиќ / Александар Методијев
Редактор: Симе Недевски