Штајнмајер:„На Македонија ќе и биде признаен статусот – земја кандидат„
15 декември 2005Ова го изјави германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмајер во денешната дебата во Бундестагот посветена на проблемите со кои ќе се соочи Унијата на самитот што започнува доцна попладне во Брисел. Штајнмајер се осврна и вкупната политика на ЕУ кон Западен Балкан:
„Една друга тема надвор од буџетот со која интензивно се занимаваа министрите за надворешни работи во последниве денови, беше перспективата на државите од Западен Балкан. Да не должам: тоа не е едноставна тема во рамките на Унијата, зашто е познато дека меѓу земјите-членки нема едногласност. Но, има перспектива за земјите од Западен Балкан и таа гласи: сакаме да го дадеме својот придонес во тоа претседателот Ахтисари да има успех во неговата мисија на Косово во наредните 12 месеци. Тој успех ќе обезбеди рамки што ќе значат одржување на просторот за приближување на државите од Западен Балкан кон Европската унија„.
Зборувајќи за Македонија, Штајнмајер изјави:
„Во последните две-три недели се дебатираше за тоа дали на Македонија да и го признаеме статусот на земја кандидат. Се чини дека за ова прашање, и покрај скептицизмот на вкупно 4 држави, на самитот ќе биде постигната согласност за тоа со дебата за границите на Европската унија, за што земјите членки во секој случај ќе разговараат во идната година„, подвлече Штајнмајер.