Штајнмајер ѝ се закани на Украина со санкции
4 февруари 2014Западот мора да настапи одлучно кон раководството во Киев и да биде подготвен и на воведување санкции доколку состојбата во Украина не се подобри, изјави шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмајер за германската телевизија. Украина останува буре барут, оценува Штајнмајер и истовремено упатува предупредување дека не смее да се влегува во финансиска трка со Москва околу Украина.
Во моментов ЕУ и САД дискутираат за пакет помош за Украина. Во текот на денов (4.02) во Киев треба да пристигне првиот ЕУ-дипломат Кетрин Ештон, која ќе води разговори со двете страни. Целта на ЕУ е да даде поддршка за преод кон нова влада која би ги спровела неопходните реформи во земјата.
Украинскиот претседател Виктор Јанукович, според наводи на негови блиски соработници, би бил под одредени услови подготвен на предвремени претседателски и парламентарни избори. Шефот на државата категорично исклучи ангажман на армијата против демонстрантите, тврди пратеникот Јури Мирошниченко.
„Претседателот Јанукович не разгледува варијанта за употреба на сила за средување на ситуацијата. Во земјата нема да биде воведена вонредна состојба. Ако не можеме да го решиме прашањето преку компромис, ако не можеме да се договориме, ќе бидат распишани предвремени избори - парламентарни и претседателски“, изјави Мирошниченко.