1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штајнмајер: Северна Кореја мора да се одлучи

Дагмар Енгел / Превод: ЕМФ2 ноември 2014

Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер ја посети границата меѓу Северна и Јужна Кореја. За ДВ тој вели: Северот не може да има атомско оружје, а притоа да се надева на економска помош.

https://p.dw.com/p/1DfiE
Фотографија: Maurizio Gambarini/dpa

ДВ: Господине Штајнмајер, кога ги гледате овие гранични огради и контроли, верувате ли навистина дека обединувањето на Кореја може да се случи набргу, како што тоа постојано го повторуваат Вашите партнери за разговор?

Франк-Валтер Штајнмајер: Самите имаме доживеано - историјата не се случува затоа што се верува дека нешто ќе се случи, туку затоа што работите се случуваат. Но токму овде, со сините бараки во заднина, непосредно пред демаркационата линија меѓу Северна и Јужна Кореја, се разбира се будат сликите кои ги имавме кај нас со децении во времето на Студената војна. Сината барака овде во заднина е нешто како Глиникер брике (мост, н.з.) кај нас, во Берлин. Сакам да речам, овде се разменуваат затвореници, се разменуваат посмртни останки од убиени војници и цивили и се одржуваат разговори на високо воено ниво. Ние Германците, се разбира, можеме добро да согледаме како се чувствуваат нашите корејски пријатели кои не си виделе членови од семејствата со децении, кои немаат ниту вест за нив, поради тоа што Северна Кореја го прекина контактот сосема, брутално и консеквентно. Не‘ радува што Кореја даде сигнал дека е заинтересирана за германско-германските искуства. Затоа радо одговорив на барањето на Кореја за создавање на германско-корејска советодавна група, која овде, во текот на моето патување низ Кореја, заседаваше првпат. Ние не настапуваме како учители, за такво нешто условите се премногу различни. Но радо раскажуваме за она што ги интересира луѓето овде околу нашето однесување во годините на поделба и пред се‘ околу работите кои беа чекори во насока на повторно обединување. Мислам дека никој овде нема илузија оти наскоро претстои повторно обединување, но забележувам дека токму во Сеул постои сериозна волја да се тргне на тој пат. Можам само да кажам дека ние имавме среќа што поделбата не беше вечна. Таквото искуство им го посакуваме и на Корејците.

Постои загриженост дека во Северна Кореја може да се случи политичка имплозија. Вие во петокот уште еднаш потенциравте колку е важно да има контролиран преод. Што е неопходно за такво нешто?

Не мислам дека во моментов преовладува стравување од политичка имплозија. Веќе го немаме впечатокот кој го имавме до пред само неколку месеци - дека младиот лидер не е стабилизиран и дека се заканува ново гладување. Таков впечаток немаат ниту Корејците. Во севернокорејската политика постои напред и назад. На една страна сигнали кон Сеул кои укажуваат дека има интерес за повторно заживување на контактите, а од друга страна, истовремено, настап во јавноста во смисла дека земјата се држи до нуклеарниот курс. Затоа беше неопходно во петокот и јавно да се каже: не може да се имаат двете работи, и атомско вооружување како закана за соседот на југ и целиот регион и истовремено и економски развој со помош на истите тие соседи. Северна Кореја мора да се одлучи. Ние можеме само да се надеваме и да ги охрабруваме да се одлучат за вистинската политика.

Разговорот го водеше Дагмар Енгел во Панмунџом