1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штајнмајер предупредува од враќање на старата поделба на Исток и Запад

Александар Методијев/дв28 септември 2014

Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер во вчерашното обраќање пред Генералното собрание на ОН во Њујорк предупреди од враќање на времињата на Студената војна.

https://p.dw.com/p/1DMFK
Фотографија: Reuters/Eduardo Munoz

„Не смееме да дозволиме да се врати старата поделба на Исток и Запад во Обединетите нации“, рече Штајнмајер во обраќањето пред Генералното собрание на ОН. Истовремено, тој побара од Русија, како постојана членка на Советот за безбедност на ОН, да не го крши меѓународното право во конфликтот во Украина.

„Не која било држава, туку постојана членка на Советот за безбедност - Русија, со анектирањето на Крим ги промени еднострано границите во Европа и со тоа го прекрши меѓународното право. На овој опасен сигнал моравме да му се спротивставиме, бидејќи не смееме да дозволиме силата на меѓународното право да биде издлабена одвнатре“, рече Штајнмајер.

Германскиот министер за надворешни работи предупреди дека „се’ додека тлее овој конфликт, се’ додека Русија и Западот се во конфликт околу Украина, постои закана ова да ги парализира Обединетите нации“. Тој нагласи дека е потребен „активен и волен за делување Совет за безбедност на ОН“, кој ќе се справи со „многу поважни задачи кои претстојат“.

New York Rede Steinmeier UN-Vollversammlung 27.09.2014
Франк-Валтер ШтајнмајерФотографија: Reuters/Eduardo Munoz

Штајнмајер објасни и дека Германија го поддржува меѓународниот сојуз против џихадистичката група Исламска држава. „Ние сме шокирани од огромната бруталност на оние терористи кои го злоупотребуваат името на бога за нивни ѓаволски дела“, рече Штајнмајер, додавајќи дека посебно вознемирувачки е што тие можат да го придобијат секој млад човек од Европа за нивната борба. Тој повтори дека Германија ги поддржува курдските борци во северен Ирак со испораки на оружје, но нема да се вклучи и во воздушните напади предводени од страна на САД врз стратешки цели на џихадистите.