Штајнмајер: Потврда за силната поддршка за Западниот Балкан
28 август 2014Во Берлин денеска се одржува конференција на која ќе учествуваат високи државни претставници на државите од регионот- Македонија, Албанија, Србија, БиХ, Црна Гора, Косово, Хрватска, Словенија како и претставници на ЕУ.
Според Штајнмајер организацијата на средбата не само што го потврдува германскиот ангажман во регионот, туку и силната поддршка за европската перспектива на сите земји од Западниот Балкан.
„Сакаме да го искористиме овој состанок за да му оддадеме признание за досегашниот напредок на регионот кон ЕУ. Истовремено, ќе расправаме за прашања кои се одлучувачки за брзината и успехот на приближувањето на Западниот Балкан кон ЕУ. Во тие рамки, ќе стане збор и за тоа како државите, и во рамките на регионалната соработка, можат да ги унапредат неопходните реформи“, вели Штајнмајер.
„Токму во светло на актуелните меѓународни кризи во нашето соседство, со своите колеги сакам да се консултирам како заедничките европски вредности и интереси засилено да ги изразиме низ една единствена европска надворешна политика“, дополни германскиот министер во изјава објавена на интернет-страницата на германската влада.