1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штајнмајер на турнеја по Источна Европа

5 февруари 2007

На почетокот на турнејата по земјите од Источна Европа, германскиот министер за надворешни работи Франк Влатер Штајнмајер денеска се очекува во Москва.

https://p.dw.com/p/AbzX
Франк Валтер Штајнмајер, шеф на германската дипломатија
Франк Валтер Штајнмајер, шеф на германската дипломатијаФотографија: AP

Во центарот на вниманието се настојувањата за заживување на мировниот процес на Блискиот исток, како и статусот на Косово. Штајнмајер, кого го придружуваат и координаторот на европската надворешна политика Хавиер Солана и евро-комесарката за надворешна политика Бенита Фереро Валднер, се очекува в среда да допатува во Белград.

Официјално на прво место на приоритетите во разговорите со руското раководство, европските политичари ги ставаат преговорите за нов договор за партнерство. Слично ќе биде и на преговорите што ќе ги водат во Киев. Москва е во принцип подготвена, но од европска страна преговорите се‘ уште ги блокира Полска поради спорот со Русија околу увозот на аграрни производи. При неодамнешната посета на Москва, германската канцеларка Ангела Меркел манифестираше оптимизам во врска со скорешното изнаоѓање решение за овој проблем.

„Се надевам дека од име на ЕУ наскоро ќе можеме да ги отпочнеме преговорите, бидејќи во нив можеме да договориме важни прашња, почнувајќи од надворешната и безбедносната политика, па се‘ до сигурноста на снабдувањето со енергенси. Тука спаѓаат и соодветни механизми за меѓусебно информирање и консултации во случај да се појават проблеми.„

Кога зборува за проблеми, германската канцеларка мисли пред се‘ на оние со испораките на руската нафта и земен гас за европските земји, односно блокадите кон соседните земји, како Белорусија пред неколку недели. Задачата на Штајнмајер е да ги испита можностите за официјално почнување на преговорите ЕУ – Русија уште пред истекот на германското претесдателствување со Унијата на крајот на јуни.

Соговорникот на Штајнмајер од руска страна, ресорниот колега Сергеј Лавров, спроти посетата се изјасни многу критички во врска со односите меѓу ЕУ и неговата земја. Во Европа се чини е проширено мислењето дека Русија постојано мора за нешто да моли. Постојат многу невраведности во нашите односи, порача Лавров во интервју за неделникот Шпигел. Ние постојано правиме отстапки, а за возврат не добиваме тукуречи ништо!

Разлики меѓу Брисел и Москва има и по важни меѓународни прашања. Тука се натамошните постапки во врска со Иран и неговата атомска програма, што во голема мера е зависна од руска технологија, како и статусот на Косово. Русија најави дека ќе прифати само такво решение, кое ќе биде прифатливо о и за Србија. Во ЕУ меѓутоа преовладува уверувањето дека по ова тешко прашање не може да биде постигнато решение прифатливо за обете страни. Дотолку повеќе со големо нетрпение се очекува посетата на Штајнмајер, Солана и Фереро Валднер на Белград.