1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штајнмајер загрижен за бегалскиот проблем

М. Шориќ/БГ1 март 2016

Шефот на германската дипломатија вели дека случувањата на грчко-македонската граница се доказ дека ниту една земја не може сама да го реши проблемот.

https://p.dw.com/p/1I4dY
Фотографија: L. Gouliamaki/AFP/Getty Images

Шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмајер е загрижен поради состојбата на грчко-македонската граница. Снимките од употребата на солзавец од страна на македонската полиција против бегалците, според него, се доказ дека државите не можат сами да се справуваат со проблемот.

„Снимките кои ги видовме се доказ дека не може да се најде решение кога земјите делуваат сами. Можете да го отфрлате проблемот со бегалците, можете да ги враќате бегалците назад од каде што дошле во вашата земја, но тоа не е решение. Потребен ни е заеднички европски договор. Тоа сега станува се појасно и се надевам дека на самитот на шефовите на владите на 7 март ќе придонесе за подобра соработка на европските држави“, рече Штајнмајер во интервју за Дојче Веле.

Со денови повеќе илјади бегалци и мигранти се заглавени на грчко-македонската граница. Грција е под закана да биде преплавена од мигранти и бегалци откако земјите на балканската рута под притисок на Австрија и Германија одлучија да го намалат протокот на луѓе.

USA Frank-Walter Steinmeier in der Deutschen Botschaft in Washington DC
Франк Валтер Штајнмајер и дописникот на ДВ, Миодраг ШориќФотографија: DW/M. Müller

По средбата во Вашингтон со американскиот колега Џон Кери, Штајнмајер рече дека во решението на кризата треба да учествуваат сите, вклучително и САД.

„Мислам дека не постои еден единствен одговор за миграциските движења, и факт е дека Европа и одредени европски држави преземаат најголем дел од товарот. За тоа не постои само еден одговор, туку потребни ни се серија решенија. Национални, европски, договори со соседните држави на Сирија како и со Турција. Но исто така потребен ни е придонес и од САД кои можат да помогнат во смирување на сирискиот конфликт, а со тоа и за намалување на притисокот од бегалците“, рече Штајнмајер.