1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штајнбрик: Сакам да станам канцелар!

ЕМФ/дв14 април 2013

Кандидатот на опозиционата Социјалдемократска партија (СПД) Пер Штајнбрик денеска (14.04) на партискиот конгрес во Аугсбург ја формулираше својата цел за изборите во Германија наесен.

https://p.dw.com/p/18FeD
Фотографија: Reuters

Кандидатот на СПД за канцелар, Пер Штајнбрик, во анкетите не стои добро, но ожнеа повеќеминутен аплауз од делегатите на својата партија, собрани на конгресот во Аугсбург, со најавата: „Сакам да станам канцелар на Сојузна Република Германија!“ Да биде канцелар не е важно само за него, рече Штајнбрик, туку тој сака да промени и дел од работите во земјата.

Штајнбрик сака да се погрижи за нова социјална рамнотежа при добар економски развој на земјата. Предизвикувачот на канцеларката Ангела Меркел на изборите наесен, констатираше дека на премногу луѓе им оди лошо и дека јазот меѓу сиромашните и богатите е преголем. Штајнбрик ја обвини владата на Меркел дека ги заострила поделбите на пазарот на труд, дека дава слика за семејството од завчера со одлуката за надомест за згрижување на децата и, и покрај добрата економска состојба, натрупала нови долгови од 100 милијарди евра. „Тоа не е добар биланс госпоѓо Меркел“, билансираше кандидатот на СПД.

На партискиот конгрес на СПД треба да биде донесена програма, која предвидува, меѓу другото, најниска плата од 8,5 евра по час, милијарди евра за образованието и борба против даночното затајување. Во моментов, СПД во истражувањата на јавното мислење зад себе има само меѓу 23 и 27 проценти од избирачите. Она што загрижува особено е што во дел од анкетите канцеларката Меркел стои малку подобро од Штајнбрик дури и во делот на суштинската тема на СПД - социјална праведност. Социјалдемократите се сепак оптимисти и нагласуваат дека до изборите за Бундестагот во септември има уште пет месеци.