Шрамајер: Софија нема интерес да ја блокира Македонија
12 декември 2018ДВ: Господине Шрамајер, во Бугарија темата Македонија повторно е во центарот на вниманието. Бугарските политичари, во прв ред вицепремиерот Красимир Каракачанов, се обидуваат политички да ја инструментализираат темата. Зошто секогаш повторно се отвора оваа тема во Бугарија?
За среќа не се актуализира од сите. Во секој случај, Македонија за Бугарите и натаму е една чувствителна и жешка тема. Затоа што многу Бугари не успеаја емоционално да го надминат губењето на Македонија. Таа беше дом на многу нивни предци и лулка на нивната религија (Охрид), како и на бројни уметници и писатели. Каракачанов е еден особено милитантен застапник на непомирливоста и не случајно и шеф на ВМРО.
ДВ: Кои би биле политичките мотиви зад тоа? Дали е можеби обид да се стават во втор план внатрешно-политичките или интерно партиските проблеми? Или овие политичари навистина мислат дека карање за историјата е поважно? Или во крајна линија само бараат начин како да го спречат членството на Македонија во НАТО?
Кај Каракачанов делумно се работи и за неговиот непопустлив, антимакедонски став- во тој дел спаѓа жестокото оспорување на толкувањето на историјата. Тоа што Москва одамна се обидува да го спречи членството на Скопје во ЕУ и НАТО, би можело да претставува следење на паралелен интерес.
Но, на Балканот, материјалните интереси секогаш играат улога, особено оние на олигарсите, и тоа е исто така можно. Досега, олигарсите во Скопје можеа да прават што сакаат, непопречени од Брисел. Но доколку Македонија стане членка на ЕУ, тоа ќе биде далеку потешко.
ДВ: Каракачанов до 1989 беше агент на бугарската државна безбедност. Во неговата коалиција „Обединети патриоти“ членка е и партијата Атака која е блиска до Путин. Гледате ли тука некаква поврзаност со изјавите на министерот за одбрана?
Во секој случај. Впечатливо е тоа што во 1989 година тој не ги препознал сигналите на новото време. Тоа говори за неговите политички предвидувања.
ДВ: Кој би бил интересот на Бугарија да го блокира членството на Македонија во НАТО, и тоа токму сега кога двете влади почнаа да ги надминуваат долгогодишните проблеми?
Никаков. Пред сѐ, Софија нема никаков интерес да им се спротивставува на Брисел, на НАТО и на САД кои веќе долго време се залагаат за влез на Скопје.
Дополнителен бугарски интерес е конечно да постигне мир во своето соседство преку решавањето на спорот за името, како и со надминувањето на нејзините разлики со Скопје. Само тогаш земјата може да ја одигра својата улога во јужниот Балкан.
ДВ: Дали според вашите проценки Македонија се придржува до договорот со Бугарија? Дали изјавите на Заев кои се критикувани од бугарска страна се навистина контрапродуктивни? Или и тој следи некоја своја политичка агенда?
Не верувам. За политички да преживее, Заев мора да стори сѐ за конечно да го добие членството во НАТО и ЕУ. Тој нема никаков интерес да ја провоцира Софија, ниту да ги понижува своите противници.