Шпионирање: Од Берлин со љубов
6 ноември 2013Британија е колевката на тајните шпионски операции. Или барем така знаеме од книгите на Јан Флеминг и Џон Ле Каре. Британските автори напишаа неброени приказни за шпионските операции во ерата на Студената војна, и неретко Берлин беше во центарот. Но денес, британските шпиони ја заменија фикцијата со реалност.
Откако британскиот весник „Индепендент“, повикувајќи се на документи од Едвард Сноуден, откри дека на покривот на британската амбасада во Берлин е поставена шпионска станица, нештата добија сосема нов тек. На разговори во германското министерство за надворешни работи експресно беше повикан британскиот амбасадор, иако медиумите воочија пониско ниво на раздразнетост во дипломатскиот речник, за разлика од свикувањето на американскиот амбасадор пред неколку недели.
Тие спијат во истиот кревет
Данкан Кембел е еден од новинарите кој е автор на извештајот во „Индепендент“. Според него, САД и Велика Британија тесно соработуваат во целата афера. „Тие спијат во истиот кревет“, вели искусниот новинар, кој над 40 години известува за активностите на тајните служби. Во неколку наврати му се заканувала и затворска казна, токму поради тоа што известувал за активностите на британската тајна служба. Оттука, Кембел не е изненаден што во пресрет на објавувањето на последната приказна во просториите на весникот дошол непознат гостин.
„Непосредно пред објавувањето на приказната, британски владин претставник дојде во просториите на Индепендент и бараше да се исфрлат некои делови од текстот“. Детали, кои според Кембел, веќе и‘ биле познати на јавноста. Имајќи ги предвид последните закани на премиерот Дејвид Камерон кон весникот „Гардијан“ поради објавувањето на детали од шпионирањето на НСА, ваквите случувања и не се голем шок.
Како што не е изненадување ниту фактот дека Лондон ги шпионира своите сојузници во Берлин.
„Се разбира дека тоа веќе не е изненадување“, вели Јан Филип Албрехт, пратеник во Европскиот парламент од редовите на Зелените. „Луѓето треба да почнат да размислуваат какви заклучоци да изведат“.
Несфатлив однос
Фактот дека Британија ги прислушкувала разговорите на германските политичари од покривот на својата амбасада, е поголемо нарушување на довербата дури и од она што го правеле Американците“, смета Албрехт. „Несфатливо е европска земја како Британија да шпионира други земји членки на ЕУ“.
Шпионирањето од страна на Велика Британија ќе претставува проблем и при натамошните разговори со САД. Тешко ќе биде да се изгради заеднички, европски фронт против шпионирањето на НСА.
Претседателот на германската парламентарна комисија за надгледување на работата на тајните служби, Томас Оперман, вели дека Германија ќе мора да се сврти кон реорганизација на своите служби, особено на контраразузнавањето. „Довербата е добра, но контролата е подобра“, вели Оперман.
Она што мораме да го постигнеме, дополнува политичарот, е „во сојузништва како НАТО и ЕУ да нема реципрочно шпионирање“. Тоа е прашање на суверенитет, смета Оперман.