Шпанската влада бара Уставниот суд да ја спречи независноста на Каталонија
29 септември 2014Во телевизиско обраќање до јавноста, кое беше емитувано денеска, шпанскиот премиер Маријано Рахој (на насловната фотографија) потврди дека неговата влада поднела тужба до највисокиот суд во земјата по повод претстојниот референдум во Каталонија.
„Ни предметот, ниту постапката за гласање е компатибилна со шпанскиот Устав“, рече Рахој.
Каталонскиот претседател Артур Мас потпиша формален декрет минатиот викенд, со кој повика на девети ноември да биде одржан референдум, пркосејќи им на предупредувањата од Мадрид дека дозволувањето да се гласа ќе биде нелегално. Шпанскиот премиер денеска изјави дека жали за постапката на каталонскиот претседател.
„Жалам, бидејќи тоа е против законот, ја заобиколува демократијата и ги поделува Каталонците, ги отуѓува од Европа и остатокот од Шпанија и сериозно и’ штети на нивната благосостојба“, рече Рахој.
Заканата дека Каталонија ќе си замине од Шпанија ги зголеми стравувањата дека тоа силно ќе ја погоди веќе проблематичната шпанска економија. Во Каталонија живеат 7,5 граѓани, што е околу 16 проценти од вкупната шпанска популација. Регионот има највисок БДП во земјата. Според податоците од Европската комисија, извозот кој потекнува од Каталонија изнесува 20 проценти од вкупниот шпански извоз. Дополнително на тоа, во Каталонија се наоѓаат околу 25 проценти од странските инвестиции во Шпанија.
Регионот си има и силен културен идентитет, кој се отсликува и преку зачуваниот каталонски јазик.
Шпанскиот премиер во денешното обраќање рече дека отцепувањето на Каталонија не доаѓа во предвид. „Не постои нешто или некој – никаква сила или институција, што може да го прекрши принципот на единствен суверенитет“, рече Рахој.
Во интервју, пак, што вчера го даде каталонскиот претседател, Мас нагласи дека „не може да се користи законот за да се спречат луѓето да си го кажат своето мислење“.
„Гласањето во ноември е најдобрата работа за секого, бидеќи ќе ни дозволи нам и на шпанската влада да разбереме какво е мислењето на каталонските луѓе“, рече Мас во вчерашното интервју.