1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шпанија е против отцепување на Каталонија

ЕМФ/дв9 април 2014

Каталонците поднесоа барање во Мадрид за референдум за кој би се изјасниле за своја независност. Но се случи она што се очекуваше - шпанскиот парламент со големо мнозинство го отфрли барањето.

https://p.dw.com/p/1BeAl
Фотографија: Reuters

Шпанија не им дозволува на Каталонците да се изјаснуваат за отцепување. По седумчасовна дебата, ноќеска (8/9.04) 299 пратеници во парламентот во Мадрид се изјаснија против барањето на каталонскиот регионален парламент за одржување референдум. Само 47 парламентарци беа „за“.

Намерата на Каталонците ја отфрла не само владата на Рахој, туку и опозиционите социјалисти. Премиерот Маријано Рахој во својот говор во парламентот (на фотографијата) рече: „Се бара суверенитет кој не постои. Шпанскиот устав не познава провинциски или локален суверенитет.“ Рахој нагласи дека не е точно тврдењето дека Каталонците биле потиснувани од страна на остатокот на Шпанија.

Каталонскиот премиер Артур Мас не беше во Мадрид за лично да го образложи барањето. Наместо тоа, тројца пратеници во регионалниот парламент го образложија она што го бара Каталонија.

Мас најави дека ќе се држи и натаму до планот за одржување референдум. „Парламентот може да отфрли еден закон, но не може да ја спречи волјата на каталонскиот народ“, рече Мас.

Во Каталонија се создава околу една петтина од шпанскиот брутодомашен производ. Каталонците, кои се горди на својот јазик и култура, се жалат дека премногу пари им одат во централната каса во Мадрид, а дека за возврат добиваат малку. Шпанскиот парламент во 2005 година го отфрли сличното барање на Баскија за референдум за отцепување.