1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шоуто на Шешељ во присуство на власта

Немања Рујевиќ
7 мај 2018

Крокодилот на српската политика во Јарак кај Хртковци покажа дека е сѐ уште способен за спектакл - но само онака и онолку колку што тоа го дозволува сценаристот Вучиќ. Коментар на Немања Рујевиќ.

https://p.dw.com/p/2xI6N
Serbische Polizei verhindert Auftritt von Seselj
Фотографија: picture-alliance/dpa/AP/D. Vojinovic

Одамна не е виден букет микрофони како оној поставен под носот на Војислав Шешељ во неделата во Јарак, на неколку километри од Хртковци. Лидерот на радикалите со свитата се упати за, според сопствените најави, да го повтори военото злосторство поради кое е осуден од Хашкиот трибунал. Се сјатија новинари од цел регион за уште еднаш да го колпротираат она што има да го каже остарениот воен хушкач, со стомакот одвај собран во темно црвена маичка со познатото лого со крокодил.

Во Јарак крокодилот на српската политика покажа дека сѐ уште е способен за спектакл. Рече дека во Хртковци тргнал за да го провоцира режимот, а не Хрватите кои таму ги има одвај околу десет отсто. Тоа што тој факт е благодарение главно на него и на другите кои во текот на деведесеттите вредно работеа на тоа во Војводина да нема воопшто Хрвати - тоа Шешељ не го спомена, напротив. Го искористи укажаното внимание за уште еднаш да се пресмета со хашкиот змај, фактите и здравиот разум.

Ако кај уредниците на критички настроените медиуми и постоеше дилема дали уште еднаш да му се понуди бина на Војислав Шешељ, таа брзо беше решена. Злосторникот оди на местото на злосторството, опшиено со кордони полиција. Се разбира дека тоа е вест.

Неволјата е во тоа што Шешељ денес воопшто и доаѓа во можност да биде вест. Да се заканува дека ќе крши муцки, да ги малтретира пратениците во Собранието, да ги пцуе „усташките курви“ и од насловните страници на таблоидите да измислува обвиненија против опозицијата.

Nemanja Rujevic
Немања РујевиќФотографија: DW

Тешко е човек да му се оттргне на впечатокот дека бучниот скандал-мајстор денес е само привезок на своите бивши „радикалски јуноши“ кои сфатиле дека е повносно да глумат европство. Во најдобар случај, тој има улога како Метју Меконахи во „Волкот од Волстрит“ - епизодист кој петте минути кои му ги дал режисерот ги искористил така за сите да зборуваат за него. Во најлош случај, тој е чиста марионета на конците кои се влечат од Андриќев венец (резиденцијата на претседателот Вучиќ, н.з.).

„Напредњачката“ власт ни овојпат не пропушти да подготви сценографија за Шешељ. Во неделата сите патишта кон Хртковци беа блокирани, воведен е еден вид вонредна состојба, на што се потрошени големи пари од даночните обврзници. Како што објасни министерот за внатрешни работи Небојша Стефановиќ, никој и ништо не смее да ги вознемирува граѓаните на Хртковци. Тој притоа мислеше и на шаката опозиционери и граѓански активисти кои тргнаа да му се спротивстават на Шешељ. Така во ист кош се ставени и злосторникот и оние кои не се согласуваат со злосторство.

Повеќе: Испадите на Шешељ и немоќта на моќниот Вучиќ

Воведување на критериумот „вознемирување“ како причина за забрана на собири е нов прилог кон историјата на бесчестие. Со тој критериум може да се забрани кога било што било и граѓаните ќе можат да спијат мирно во застоената жабурина. Од гробниот мир во кој работат за двесте евра и се дрогираат со ријалити-ѓубре, ќе смее да ги тргне само по некој режиран митинг на Александар Вучиќ, со спонтан конвој автобуси на приврзаници на СНС, поткупени со некаква ситна апанажа или заплашени со губење привилегиички.

Тоа што момче од ЛДП е удрено по глава додека на мегафон во Јарак викаше дека Шешељ е злосторник, е само слика на денешна Србија. Шака јад од неснајдената опозиција, насилство во присуство на полицијата, симбиоза на власта и омилениот опозиционер Шешељ, кој некако треба да се држи над цензусот за да остане автентично страшило. Сѐ за мирниот сон на граѓаните.