Шок и тага во Хрватска
17 октомври 2007“Господ имаше голема причина и својот збор го дополни со еден прекрасен вокал, со овие зборови хрватскиот пеач Петар Грашо реагираше на веста за смртта на Тоше Проески. Секогаш е штета кога заминува млад живот, но кога тој живот е проткаен со талент каков што го имаше Тоше, штетата е непроценлива, вели Грашо.
Нема медиум во Хрватска кој не одвои посебен простор за Тоше Проески. “Јутарњи лист“ пренесува приказна за Адријана Будимир, ракометарката на Подравка од Корпивица, родена во Осиек, со која Тоше ја планираше заедничката иднина. Личност со широко срце, принц на балканскиот поп, се нижат епитетите во хравтските медиуми, се до оној за кралот на пиратите, со оглед на фактот дека хитовите на Тоше наголемо се преснимуваа и препродаваа.
Форумите се преполни со топли зборови и пораки од обичните луѓе. Адресата на интернет порталот Тоталпортал.хр, кој директно ја пренесуваше комеморацијата во Загреб беше недостапен заради големиот број корисници. Неговата издавачка куќа во Хрватска, Хит Рекордс ги повика колегите на Тоше, музичари, автори да се простат од македонскиот славеј.
Во 2004 година Тоше за прв пат запеа во дует со Тони Цетински. Тешко е да се зборува за човек со 26 години, кој штотуку започнал да живее и на кого започнаа да му се отвараат светските врати на славата, на кого хрватската публика му даде толкава поддршка, не знам дали тоа некогаш ќе се повтрои, изјави низ солзи Цетински, кој Тоше го викаше Братко.
“Во овој момент мислам дека е депласирано да се зборува за нашите кариери, туку само за тоа колку Тоше беше мил човек, исклучителна личност и мој братко на кој секогаш ќе се сеќавам. Сигурен сум дека веќе не постои ниту еден кој е сличен на него, полн со љубов и добрина кон другите луѓе“ изјави Цетински
Овој талентиран и добар човек беше на најдобар пат да стане една од најголемите машки ѕвезди на балканот, и тогаш го измами една секунда невнимание...Веројатно господ знае зошто, колку и да е за нас тоа несватливо, изјави пеачката Лана Јурчевиќ, која на денот на трагичната несреќа со Тоше требаше да снима телевизиска емисија.