1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шешељ ќе бара обесштетување

ЕМФ / бета31 март 2016

Војислав Шешељ смета дека Хашкиот трибунал ја донесол единствената можна пресуда од правен аспект. Лидерот на српските радикали денеска е ослободен од обвиненијата. Во Хрватска и БиХ - неверување.

https://p.dw.com/p/1INGD
Фотографија: Reuters/M. Djurica

„По толку процеси против невино обвинети Срби, се појавија двајца судии, чесни луѓе (...) кои покажаа дека професионализмот, честа и образот се над секаков политички притисок. Од правен аспект тие ја донесоа единствената можна пресуда“, изјави денеска Војислав Шешељ во Белград пред новинарите, откако од Хаг стигна веста дека е ослободен од обвиненијата.

Шешељ потенцираше дека откако заминал за Хаг, знаел дека не може да биде докажано ниту едно злосторство содржано во обвиненијата. Лидерот на српските радикали додаде дека барал да му се исплати обесштетување од 12 милиони евра за страдањето кое го претрпел во притвор.

„Дел од парите би одвоил за помош на српските културни институции (...)“, рече тој, додавајќи дека дел од парите добиени од обесштетувањето би издвоил и за Српската радикална партија.

Шешељ информираше дека нема да ја тужи Србија, но дека неговиот став кон Хашкиот трибунал не е променет „ни за влакно“ и дека и натаму смета оти е тоа антисрпски суд и инструмент на новиот светски проедок.

„Изразувам огромно жалење што моите блиски пријатели Милан Мартиќ, Здравко Толимир, Радован Караџиќ и многу други немаа во Судскиот совет чесни судии“, рече денеска Шешељ.

Неверување во Сараево

Претседателот на Советот на министри на БиХ Денис Звиздиќ по веста за пресудата за ослободување на Шешељ изјави дека е „затекнат“ и дека не може да разбере дека „некој кој докажано учествувал во планирање на сѐ што се случило во БиХ е ослободен“.

Фикрет Грабовица, претседател на Здружението на родители на децата убиени во Сараево, оцени дека Хашкиот трибунал донесол „класична политичка пресуда“.

„Шешељ во значителна мерка беше вклучен во воените случувања. Пресудата е неверојатна. Индикативно е што е ослободен по сите точки од обвинението“, рече Грабовица.

Како што пренесе телевизијата Н1, тој оцени и дека „недостасувало само да кажат дека паравоените формации, т.н. Шешељевци биле во мировна мисија во состав на УНПРОФОР и дека понекогаш знаеле и да згрешат, како што згрешил холандскиот баталјон во Сребреница“.

Грабовица додава и дека Шешељ е ослободен „иако постојат снимки на кои се гледа дека посетувал воени позиции и се фалел дека пукал на одредени позиции“.

Орешковиќ: Срамна пресуда

Премиерот на Хрватска Тихомир Орешковиќ оцени дека ослободувањето на Шешељ е „срамна пресуда“ и дека е тоа „пораз за Хашкото обвинителство“. Орешковиќ во Вуковар потсети дека Шешељ „и денес пали знамиња на Хрватска и на ЕУ“ и истакна дека се надева оти Србија ќе реагира:

„Се надевам дека тука ќе реагира и Србија, зашто патот кон ЕУ е вистинскиот пат и се надеваме дека ќе видиме вистински одлуки и однесување од страна на нашите соседи“, нагласи Орешковиќ.

Шешељ беше обвинет за злосторства врз Хрвати и муслимани во Хрватска, Војводина и Босна и Херцеговина во периодот од 1991-1993 година.