1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шведска ја призна независноста на Палестина

Б. Георгиевски/афп30 октомври 2014

Шведска денеска официјално ја призна независноста на Палестина, како прва голема европска земја која повлекува таков потег. Одлуката беше оценета како „историска“ од Палестинците, а отфрлена од Израелците

https://p.dw.com/p/1DeWr
Фотографија: Getty Images

„Денеска владата донесе одлука да ја признае државата Палестина“, напиша шведската министерка за надворешни работи Маргот Валстром во тиражниот весник „Дагенс Нихетер“, помалку од еден месец откако новиот шведски премиер ги најави владините планови за таков чекор.

„Тоа е важен чекор кој го потврдува правото на Палестинците на самоопределување. Се надеваме дека ќе им го покажеме патот и на другите“, напиша Валстром. Подоцна таа изјави дека оваа одлука „не е одбирање страни“. „Ние ја бираме страната на мировниот процес“.

Палестинците се обидуваат да добијат државност на Западниот Брег, Појасот Газа и источен Ерусалим како главен град. Со оглед на слабиот напредок на преговорите со Израел, палестинското раководство лобира за меѓународно признавање.

Одлуката на Шведска доаѓа во период на зголемени тензии меѓу Палестинците и Израелците во Ерусалим, особено во окупираниот источен дел на градот.

Палестинскиот претседател Махмуд Абас ја поздрави одлуката на Стокхолм како „храбра и историска“ и ги повика и другите земји да го следат примерот.

„Сите земји во светот кои се уште се колебаат да го признаат нашето право на независна палестинска држава врз основа на границите од 1967 година, со источен Ерусалим како главен град, треба да го следат примерот на Шведска“, изјави Абас.

Блискиот Исток не е мебел на Икеа!

Израелскиот министер за надворешни работи Авигдор Либерман го критикуваше потегот, оценувајќи дека „односите на Блискиот Исток се далеку покомплексни од едноставниот за монтажа мебел на Икеа“.

„Одлуката на шведската влада да признае Палестинска држава е несреќна и само ги зајакнува екстремистичките елементи и одбивноста на Палестинците“, рече Либерман.

Новиот шведски премиер Штефан Лефвен, социјалдемократ, во инаугуративниот говор пред парламентот во октомври најави дека неговата земја ќе биде првата земја-членка на ЕУ од западна Европа која ќе ја признае палестинската држава. Наспротив Палестинците кои го прославуваат признанието, Тел Авив му врачи протестна нота на шведскиот амбасадор и изрази разочараност.

Претходно и САД ја предупредија Шведска да не презема таков чекор, нарекувајќи го „избрзан“, оценувајќи дека палестинската држава може да се создаде само преку преговори меѓу Палестинците и Израелците. Израел долго инсистира дека Палестинците можат да ја добијат ветената држава единствено преку директни преговори, а не преку други дипломатски канали.

Генералното собрание во 2012 година со големо мнозинство го одобри признавањето на набљудувачкиот статус на Палестина како земја која не е членка. Со признавањето од Шведска, бројот на земји кои го прифаќаат независниот статус на Палестина се искачи на 135.

Поддршка за нови преговори

Но, САД, ЕУ и мнозинството нејзини членки, не ја признаваат независноста на Палестина.

Margot Wallstroem 30.10.2014
Маргот ВалстромФотографија: Reuters/TT News Agency/Annika AF Klercker

Во симболично гласање, индикативно за растечкото незадоволство со мировните преговори кои се де-факто замрзнати, британскиот парламент на почетокот на месецов изгласа необврзувачка резолуција да и‘ се даде дипломатско признание на Палестина.

Валстром, во споменатиот текст, пишува дека постојат некои „кои ќе речат дека денешната одлука доаѓа прерано“.

„Се плашам дека одлуката доаѓа предоцна. Владата сега ќе работи со другите земји од ЕУ како и со САД и другите меѓународни и регионални актери, во поддршка на нови преговори“, напиша Валстром.

Набљудувачите велат дека е прерано да се прогнозира дали одлуката на Шведска ќе предизвика и други земји да се решат на истиот чекор. „Навистина е тешко да се каже дали и други земји ќе ја следат Шведска“, вели Михаел Шулц, експерт за Блискиот Исток на Универзитетот во Гетеборг.

„За ЕУ да ја признае Палестина потребно е да се согласат сите држави членки, а тоа е малку веројатно“.

„Сега треба да се види како ќе реагира Израел, дали ќе продолжи со политиката на изградба на доселенички населби или ќе биде повнимателен?“, вели Шулц.