Шалке и полицијата се договорија
14 септември 2013„Покажувањето мускули“ и заканата со повлекување на полицијата од арената на Шалке 04 се покажа како бура во чаша вода. Фудбалскиот клуб и министерот за внатрешни работи на германската покраина Северна Рајна Вестфалија, Ралф Јегер, го надминаа спорот на „кризна седница“, по која оздадоа заедничко соопштение. Во него се вели дека се‘ останува како досега - полицијата в среда (18.09.), на натпреварот од Лигата на шампиони против Стеауа Букурешт, ќе биде присутна на стадионот како досега.
„Согласни сме дека фудбалските натпревари во сојузните лиги треба да бидат безбедни и во мирна атмосфера. За таа цел најдобра основа е соработка на клубот и полицијата полна со доверба“, изјави Јегер по средбата со првиот човек на Шалке 04, Петер Петерс, и претседателот на лигата Рајнхард Раубал денеска (14.09.) во Диселдорф.
Министерот за внатрешни работи на Северна Рајна Вестфалија во четвртокот (12.09.) изјави дека полицијата во иднина ќе интервенира само надвор од стадионот на Шалке и дека целата одговорност за безбедноста во арената ќе му биде препуштена на клубот. Министерот со тоа реагираше на јавната критика изречена од страна на клубот поради контроверзната, остра реакција на полицијата на натпреварот против ПАОК Салоники, одигран на 21 август. Шалке сега признава дека критиката на сметка на акцијата на полицијата, што се однесува до изборот на зборови и тонот, била „преостра“.
Клубот и Министерството за внатрешни работи во иднина нема јавно да дискутираат за акциите на полицијата. Во соопштението се вели дека „во интерес на партнерство полно со меѓусебна доверба, страните договорија критиката и различните оценки околу безбедносните прашања на фудбалските натпревари да бидат разгледувани непосредно, меѓу клубот и полицијата“. Освен тоа, безбедносните концепти треба да бидат „така оптимирани, за во иднина на стадионот да биде ангажиран помал број полицајци“. Договорот, односно неговата ефикасност, ќе бидат повторно разгледани за шест месеци.
Полицијата употреби палки и спреј против навивачите на Шалке на натпреварот против ПАОК Салоники на 21 август. Притоа беа повредени 80 лица. Полицијата образложи дека интервенирала затоа што навивачите на грчкиот клуб се почувствувале „навредени како етничка група“ поради тоа што на стадионот било истакнато знаме со симбол на сонцето од Вергина. Претставниците на клубот на тоа реагираа остро и оценија дека акцијата на полицијата била „сосема несоодветна“.