1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Чудото на германско-израелските односи

Фолкер Витинг
18 април 2018

70 години по основањето на државата Израел, германско-израелските односи се блиски. Холокаустот и натаму останува елемент кој ги предодредува, но нормализацијата е отидена дотаму што може да има и кавги.

https://p.dw.com/p/2wEjI
Berlin Kunstwerk von Günther Schäfer
Фотографија: DW/V. Witting

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху видливо се радуваше на посетата на германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас на крајот на март. По разговорите со Мас тој рече: „Ги допревте нашите срца со она што го кажавте за холокаустот и за расизмот“.

Германскиот министер за надворешни работи отпатува во Израел за да ги подобри односите меѓу двете земји, кои во последно време се влошија. Тој рече оти „не станал политичар поради Вили Брант или поради мировно движење, туку поради Аушвиц“.

Мас е за намалување на тензиите

Мас се повика на традиционално добрите односи. Германско-израелскиот публицист Михаел Волфсон во интервју за ДВ изјави дека тој „повторно видел пријателски тон во однесувањето кон Израел“, а оти претходникот на Мас на функцијата, Зигмар Габриел, „искршил многу порцелан“. Габриел, имено, минатата година се сретна со претставници на една организација која го критикува Израел и така го налути Нетанјаху.

Israel Jerusalem Heiko Maas trifft Benjamin Netanjahu
Фотографија: Imago/photothek/X. Heinl

Политичкиот конфликт е одамна нормално нешто во односите меѓу двете земји. За Лидија Авербук од Фондацијата за наука и политика причините за тоа се јасни. Таа во интервју за ДВ рече дека „односите повеќе се во застој отколку што се заладени“. Кога станува збор за израелската доселеничка политика, постојат различни ставови и сѐ уште не е пронајден пат тоа да се надмине. На тоа треба да се додадат и разликите во мислењата кога станува збор за статусот на Ерусалим.

Повеќе:

-Германија и Израел - односи запечатени од минатото

-Како се гледа на Германија во Израел?

Германија „верен партнер и пријател“ на Израел-

Авербук, меѓутоа, додава оти блиските германско- израелски односи само неколку генерации по холокаустот се вистинско „чудо“, па дури и делуваат „како бајка“, како што тоа го забележаа некои политичари.

Легенда: „Израел постои само поради холокаустот“

Михаел Волфсон не го гледа тоа толку еуфорично. И сака да расчисти со уште една, како што вели, „легенда“. „Без холокаустот, односно, без Хитлер, не би постоел Израел.“ Тоа, според него, е неисториско гледање на работите. Тој вели дека основањето на израелската држава веќе долго се подготвувало - како дел од деколонизација.

Кога е основан Израел на 14 мај, пред точно 70 години, интересот на германската јавност бил мал, како што потврдуваат истражувањата на ДВ. Заборав, потиснување, обнова и Студената војна која земала сѐ поголем замав, биле темите кои луѓето ги интересирале многу повеќе од основањето на Израел.

Луѓето не ги интересирало многу основањето на Израел

Погледот во весниците кои излегувале пред 70 години е многу индикативен. Има големи разлики меѓу западногерманското и источногерманското известување. Многу западни весници на насловните страни донесуваат извештаи за основањето на Израел. Весикот ВАЦ пишува: „Евреите ја прокламираат државата Израел“ Или весникот „Велт“: „Прокламирана е еврејска држава“. Основањето на Израел било во прв план во новинарското известување, а истовременото објавување на војна на Арапската лига било вредно само со мала белешка.

Die Welt 70. Jubiläum der Gründung des Staates Israel
Фотографија: DW/V. Witting

Сосема поинаку е во источногерманскиот печат. Весникот на источните Либерали, на првата страница објавува голем наслов: „Арапската лига му објави војна на ’Израел’“. Во вестите на новинската агенција АДН војната против Израел е, исто така, упадлива во фокусот на известување, а не основањето на државата.

„Нема голема еуфорија по повод основањето на Израел“, пишува Орен Остерер во својата докторска работа од 2014 година. Тој во неа ја истражува перцепцијата на печатот во зона под советска окупација.

Бен Гурион и Конрад Аденауер започнаа дипломатија

Конрад Анденауер на почетокот на 50-тите години беше тој кој даде први импулси кога станува збор за прашањето на репарациите. Во септември 1951 година тој пред германскиот Бундестаг ја призна вината и одговорноста на германскиот народ за нацистичките злосторства. Судењето на Адолф Ајхман во 60-тите години беше уште едно важно поглавје. Првпат за вината на Германците се зборуваше пред широката светска јавност - и во двете земји.

Следеше воспоставување на официјални дипломатски односи во 1965 година. Во јуни 1973 година германскиот канцелар Вили Брант како прв германски канцелар го посети Израел. Тој таму и денес ужива углед како поддржувач на активна мировна политика и политичар кој го отвори патот за активна мировна политика. Две години подоцна, премиерот Јицак Рабин ја возврати посетата.

Уште еден важен момент беше говорот на канцеларката Ангела Меркел во израелскиот парламет пред 10 години, на 60 годишнината од основањето на државата. Таа тогаш за линијата на надворешна политика рече: „Оваа историска одговорност за Германија е дел од нацоналните интереси на мојата земја. Тоа значи дека за безбедноста на Израел - за мене како германска канцеларка - никако не може да се преговара“.

Расте антисемитизмот во Германија

Оттогаш, меѓутоа, односите забележливо се заладија. Канцеларката Меркел и премиерот Нетанјаху не се дружеа многу со задоволство. Но, како што вели Лидија Авербук, поврзаноста со Израел остана основна константа. „Во новиот коалициски договор повеќе пати се нагласува неотповикливото право на постоење на Израел. Тоа се нарекува столб на германската политика.“

Deutschland Demonstranten verbrennen Fahne mit Davidstern in Berlin
Фотографија: picture alliance/dpa/Jüdisches Forum für Demokratie und gegen Antisemitismus e.V.

И борбата против антисемитизмот е некој вид државна доктрина. Бидејќи, тоа што во Германија се палат израелски знамиња и што во германските училишта ги малтретираат еврејските деца - тоа политиката не сака да го прифати. И публицистот Михаел Волфсон ги знае бројките: само минатата година се забележани 1.453 кривични дела против Евреи или еврејски институции. Но, тој останува опуштен: „Овој феномен не може да се потисне така што владатата ќе притисне копче“. А, кога станува збор за состојбата на германско-изреалските односи, тој останува трезвен: „Двете страни се заинтересирани за добри односи“, вели, и додава дека тука пред сѐ Германија би можела да профитира на план на безбедносна технологија или за сузбивање на тероризмот. А за Авербук, односите се „зачудувачки“ и покрај „малите триења“.