1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чувари на турските избори

Јулија Хан/бг28 октомври 2015

Тероризам, корупција, лажирање на гласови- во пресрет на неделните парламентарни избори, во Турција владее клима на недоверба. Илјадници доброволци се ангажираат да нема манипулации.

https://p.dw.com/p/1Gvta
Фотографија: DW/C. Roman

Полека се полни салата во истанбулската населба Кадикој. Вообичаено, тоа е сала за свадби, но денеска тема е демократијата. Серчан Челеби го зема микрофонот и стапува на бината. „Секогаш зборуваме за лажирање на изборите: исчезнуваат цели вреќи со гласачки ливчиња, гласачки кутии...“. Тоа мора да се промени, вели Челеби.

Челеби е бизнисмен. Студирал на Универзитетот Јејл во САД. Но во моментов единствено го интересира обврската како доброволец за организацијата „Гласањето и потоа“. Тој и неговиот тим се надеваат дека ќе регрутираат најмалку 70 илјади доброволни набљудувачи на изборите со што ќе се спречат манипулациите на изборите в недела. Нивната цел е да бидат присутни на повеќе од половината гласачки места во земјата, од Истанбул до Измир на западот до Малатија и Дијарбакир на исток.

Нема доверба во изборите

Стравот и несигурноста ги натераа овие луѓе да волонтираат во земјата која веќе не ја препознаваат. Од јуни годинава, кога владејачката АКП на претседателот Реџеп Таип Ердоган го загуби парламентарното мнозинство, земјата е поделена како никогаш порано. Секојдневниот живот го карактеризираат клеветнички кампањи и терористички закани. Критичките новинари и опозициските симпатизери се постојано под закана.

Türkei Istanbul Wahlen Wahlbeobachter Oy ve Ötesi Gründer Sercan Celebi
Серчан ЧелебиФотографија: DW/C. Roman

Барис Зорал в недела ќе го следи гласањето на гласачко место во Кадикој. „Целосно сум незадоволен од состојбата во мојата земја“, вели овој 29-годишник. „И не верувам дека се е согласно законот во однос на изборите“. Неговата колешка, 39-годишната Фериха Ерјилмаз се чувствува несигурно: „Загрижена сум за иднината на моите деца“.

Според истражување на Универзитетот Коч од Истанбул, само секој втор граѓанин на Турција верува во фер и слободни избори. Во 2007 година таа бројка изнесуваше 70 проценти.
Нивните сомневања се оправдани. За време на локалните избори во 2014 година, струјата беше исклучена во повеќе делови на земјата на повеќе часови. Подоцна владата соопшти дека за тоа била виновна мачка која влегла во трансформатор во електро-централа. Оттогаш зборот „мачка“ е синоним за изборна измама меѓу опозиционерите.

Иако невладината организација досега следела четири изборни циклуси, годинава за првпат против нив се води кампања на оцрнување од страна на провладините медиуми. Тие тврдат дека „Гласањето и потоа“ одржува врски со терористичката организација ПКК, и дека не сакаат да го набљудуваат гласањето, туку да манипулираат со гласовите.
„Секое утро се будам и гледам нови лаги за мене на Твитер“, вели Серчан Челеби. „Се плашам дека поради тоа се намалува довербата во нашиот проект“.

Но волонтерите не се предаваат. Оваа недела десетици илјади ќе се појават на гласачките места и ќе помагаат на изборите. „Ќе бидеме задоволни само доколку ден по изборите никој не зборува за лажирање и манипулации“, вели Челеби.