„Чие е Јадранското Море?“
30 март 2017„Кому му припаѓа Јадранското Море?“- прашањево воедно е и наслов на текстот на новинарот Карл-Петер Шварц во весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ посветен на пристапувањето на Црна Гора кон НАТО-сојузот. Сенатот на САД го ратификуваше пристапниот протокол. „Гласањето се смета за тест на односот на Американците во поглед на агресивното однесување на Русија на Балканот...Откако Црна Гора во 2006. година ја напушти државната заедница со Србија, земјата со 620.000 жители се сврти кон НАТО и ЕУ. Но, народот е поделен. Силно мнозинство жали поради разделбата со Србија и не се помири со независноста. Авторитарниот раководен стил на поранешниот долгогодишен премиер Мило Ѓукановиќ, како и политичката корупција и подривањето на институциите преку организираниот криминал, на опозицијата ѝ нудат доволно поводи за напади.“
„Откако Ѓукановиќ лани во мај потпиша согласност за приклучување кон НАТО, темата ги засени сите други внатрешнополитички прашања. Опозицијата знае дека владата нема мнозинска поддршка кај граѓаните. Анкета од декември покажа согласност од неполни 40 проценти за пристап кон Алијансата. За време на НАТО-интервенцијата во косовската војна во 1999. година, повеќепати беше бомбардирана и Црна Гора, имаше и цивилни жртви. Тоа е една од причините што многумина Црногорци не сакаат влез во Алијансата.“
„Со приближувањето на датумот на приклучување, се интензивираат и руските настојувања за дестабилизација на владата и доведување на власт на 'Демократскиот фронт' - коалиција на проруски партии. Под раководство на Русинот Виктор Заплатин, во црногорскиот пристанишен град Котор се конституирани 'Балкански козаци', паравоена единица моторциклисти од составот на 'Ноќните волци', како и бивши доброволци во војните во Босна, на Крим и во Источна Украина. На 16. октомври беа одржани парламентарни избори. Во предизборната ноќ, полицијата уапси 20-тина Срби чија намера била преземање на власта со помош од проруските сили. Веста првично беше примена со голема скепса, опозицијата ја обвини владата за режиран обид за пуч од предизборно-тактички причини. Неколку дена подоцна, токму српскиот премиер Александар Вучиќ потврди оти поседува докази за таков заговор. Црногорското државно обвинителство изнесуваше засилено индиции, потпирајќи се на исказите од двајца крунски сведоци-осомничени во обидот за пуч - двајцата навеле дека биле врбувани од руски агенти.“
„Балканот соаѓа во приоритетите на руската надворешна политика. Москва првично не можеше да профитира од распадот на Југославија, со оглед што новите држави редум се ориентираа кон Западот. Разочарувањето од тактиката на одолговлекување кон која прибегна ЕУ и зголемената напнатост во регионот, на Русија ѝ отвораат нови шанси. Руското влијание посебно брзо расте во Србија и во Република Српска, српскиот дел од БиХ, како и во Македонија.“ Авторот понатаму објаснува дека Русија, доколку би ѝ успеал обидот за спречување на приклучувањето на Црна Гора кон НАТО, би добила голема зона на влијание со досег до Јадранско Море. Тој потсетува дека Москва во 2013. година веќе бараше дозвола во Котор да ги полни своите воени бродови со гориво и да врши техничко одржување: „Но, молбата беше одбиена“, пишува во текстот на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.
Валкана и немилосрдна кампања
Во берлинскиот дневен весник „Тагесцајтунг“ авторот Андреј Ивањи за предизборната кампања пред претседателските избори во Србија пишува дека е „валкана и немилосрдна“.
„Кога Вучиќ ја најави својата кандидатура, речиси истогласните српски медиуми отворија вкрстен оган против двајца од вкупно десет опозициски кандидати со најголеми изгледи: бившиот омбудсман Саша Јанковиќ и екс-министерот за надворешни работи на Србија и претседавач со Генералното собрание на ОН, Вук Јеремиќ. Јанковиќ го обвинуваат за убиство на свој пријател, а Јеремиќ го доведуваат во врска со убиство на двајца војници, до денес нерасветлено. Висок функционер од Српската напредна партија на Вучиќ дури ја обвини госпоѓа Јеремиќ, бивша новинарка, за раководење со нарко-картел.“
„Одлуката на Вучиќ за кандидирање за претседател, кој има слични овластувања како и во Германија, магазинот 'Време' го објаснува со незаситната желба за владеење, пишувајќи дека тој, во случај да победи на изборите, на премиерско место би поставил своја марионета и би вовел претседателски систем“, пишува „Тагесцајтунг“.