Четиринаесеттемина љубопитни
Во второто издание на Balkan Booster на терен испраќаме седум тандеми. Нивна задача е да се дружат, запознаваат и бараат интересни приказни во своите и туѓи краеви. Еве кој ги сочинува тандемите годинава.
Тандем бр. 1
Први „во вода“ скокнаа филмаџиката Валентина Баталиќ од Хрватска и новинарот Азем Куртиќ од Босна и Херцеговина. Можеби е подобро да се каже скокнаа „во море“, зашто Азем во првата недела од септември ја посети Валентина во Сплит. Нему ова не му беше скок во ладна вода, бидејќи тој веќе учествуваше во Balkan Booster минатата година и важи за искусен „балканбустерџија“.
Тандем бр. 2
Овој тандем важи како концентрација на „woman power“ во Balkan Booster 2018. Ермелинда Марку од Албанија и Егзона Рафуна од Косово, двете новинарки, имаат многу нешто заедничко. Речиси поголем предизвик им е да пронајдат разлики, отколку сличности меѓу нивните земји и култури.
Тандем бр. 3
Филип Лукиќ од Србија завршил новинарство во Белград, а во моментов студира социологија во Берлин. Тој прв беше во посета на Дрилон Малоку на Косово, во градот кој Албанците го нарекуваат Феризај, а Србите - Урошевац. Искуството на овој тандем е посебно интересно со оглед на историскиот момент. Филип призна дека пред да го посети Дрилон, за Косово не знаел речиси ништо.
Тандем бр. 4
Случајот сакаше Кристина Озимец, новинарка од Македонија, и нејзината колешка Алексија Калаиѕи од Грција, да се дружат во Скопје токму за време на референдумот за името. Решавањето на проблемот за името и Договорот од Преспа, како и односите на двете земји, се во фокусот на интересот на Кристина и Алексија.
Тандем бр. 5
Писателот, новинар и драматург Срѓан Сандиќ од Хрватска требаше прв да ја угости новинарката Јована Ристиќ од Врање, но во последен момент дојде до промена на планот, така што Јована мораше прва да се покаже како домаќинка. На Срѓан првата асоцијација на Врање му беше Бора Станковиќ, а Јована му покажа и некои други особености на својот крај.
Тандем бр. 6
Фокусот на кариерата на новинарот Ардит Тоци од Албанија се општествениот дијалог и социјалните мрежи. Оттука, Ардит беше идеален кандидат за нашиот проект. И идеален партнер на новинарката Јелена Контиќ, родум од Никшиќ, која работи за независниот црногорски дневен весник Вијести.
Тандем бр. 7
Last but not least - како последни на терен излегуваат новинарката од Војводина, Леа Котлица и нејзиниот колега од Босна и Херцеговина, Љупко Мишелиќ. Леа, како и Азем, веќе учествуваше во првото издание на Balkan Booster и e една од „ветераните“ во овој проект. Од тоа Љупко сигурно само ќе профитира.