1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Четиригодишни задачи за Западен Балкан

Силвера Падори-Кленке29 август 2014

Со завршната декларација се предвидува до 2018, на годишни конференции да се следи како се одвиваат реформите и колкав е напредокот на секоја од земјите. До 2020 година од ЕУ за регионот 12 милијарди евра.

https://p.dw.com/p/1D3Ne
Фотографија: Reuters

Конференцијата за Западен Балкан иницирана од канцеларката Ангела Меркел, која од регионот се очекуваше со огромно внимание и надеж, синоќа заврши со усвојување завршна декларација во 18 точки. Пред нејзиното презентирање, германската канцеларка Ангела Меркел на заедничка прес конференција со шефот на Европската комисија на заминување Жозе Мануел Барозо и албанскиот премиер Еди Рама, експлицитно уште еднаш ја потврди европската перспектива на земјите од Западен Балкан.

„Сакаме процесот на евроинтеграција да има брз напредок. Две земји Хрватска и Словенија се веќе членки на ЕУ, други постигнаа значаен напредок, стигнаа до пристапната фаза. Сакаме овој процес забрзано да продолжи, што зависи од секоја земја поединечно“, подвлече канцеларката Меркел, порачувајќи понатаму дека престои уште многу работа.

Се' на се, денот мина во знак на пораките за потврдените европските перспективи, но и на обврската за реформи кои стојат пред земјите членки. Се' што беше кажано на економскиот дел од конференцијата и зад затворени врати со премиерите и шефовите на дипломатиите е преточено во завршниот документ на учесниците на Самитот. Во 18 точки се втемелени задачите за наредните четири години, патот кон европската иднина, интензивирањет на регионалната соработка, јакнењето на доброто раководење на владите, како и на просперитетот преку натамошен економски пораст.

Balkan-Konferenz in Berlin 28.08.2014 Merkel mit Barroso
12 милијарди евра за Западен Балкан до 2020 година. Најави шефот на Комисијата на заминување Барозо на конференцијата со канцеларката МеркелФотографија: picture-alliance/dpa

Четири години за заздравување!

Определба е, со стартот на Конференцијата за Западен Балкан во Берлин и во наредните четири години да се забрзаат интеграциите преку следење на напредокот во реформскиот процес, решавањето на отворените билатерални и внатрешно државни прашања, како и помирувањето во и меѓу општествата од регионот. Овој формат на конференции, на кои посакуваната агенда ќе биде потпрена и со следењето на конкретните проекти, е договорен се' до 2018 година. Првиот биланс на сработеното ќе се направи по една година во Виена, по што нареден домаќин ќе биде Париз.

Во делот за интензивирање на регионалната соработка е подвлечена потребата од што побрзо решавање на сите билатерални прашања со што ќе се постигнат добрососедски односи и стабилност во Регионот. Покрај повторното заживување на реформскиот процес во Босна и Херцеговина, како и нормализирање на односите меѓу Србија и Косово, во овој сегмент единствено конкретно се споменува и Македонија. Се истакува дека „Спорот околу името меѓу ПЈР Македонија и Грција мора да се реши ургентно преку подготвеност да се направи компромис од сите страни“.

Подобрување на раководењето на владите

Westbalkan-Konferenz
Учесниците на пленарната седница се согласија за задачите кои се предвидени во завршната декларација со 18 точки.Фотографија: picture-alliance/dpa

Понатаму, лидерите од регионот, заедно со германските домаќини се согласиле и околу потребата од јакнење на доброто владеење што е нов предизвик „за младата демократија на Западен Балкан“, како и борбата против корупцијата и организираниот криминал, и потврдената волја за реформи преку кои ќе се зголеми правната сигурност, независноста на судството, како и прекуграничната билатерална соработка. Во овој контекст, меѓу редови, е испратена и порака до Македонија и можеби Албанија и се вели дека „во плуралистичка демократија на опозицијата мора да и се овозможи да ја одигра својата улога во парламентарните структури“.Се подвлекува и значењето на политички активното граѓанското општество кое на конструктивен начин може да ја јакне демократската димензија на државите на Западен Балкан и да го потпира нивното доближување до ЕУ. Во Декларацијата понатаму се бара и плурализам во медиумите, независни синдикати.

Она што се говореше вчера претпладне на економската конференција е потврдено и во завршната декларација - економскиот пораст и просперитет се возможни само со отворени пазари и странски инвестиции. Правната сигурност и нула толеранција за корупцијата имаат централно место за привлекување на малите и средни претпријатија. Во овој контекст и претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо, подвлече дека „ членството на натамошните балкански кандидати во ЕУ ќе зависи од нивното реформско темпо“, потврдувајќи дека земјите од регионот ќе уживаат натамошната европска помош. Во перидот од 2014 до 2020 година Барозо најави помош за Западен Балкан во висина од околу 12 милијарди евра, појаснувајќи дека станува збор за значајна поддршка. Но, за спроведување на планираните инфаструктурни проекти земјите од регионот, како што забележа ќе треба да се земат и други кредити и заеми.

На свечената вечера која за делегациите на Самитот за Западен Балкан ја приреди канцеларката Ангела Меркел присуствуваа и македонскиот премиер Никола Груевски, шефот на дипломатијата Никола Попоски и министерот за економија Беким Незири.