Четврт век затвор за Јадранко Прлиќ
29 мај 2013Судијата претседавач Жан-Клод Антонети изјави дека е утврдено оти злосторствата се сторени во рамки на здружено злосторничко дејствување чија цел била воспоставување „хрватски ентитет, делумно во границите на Хрватска бановина од 1939 година“ преку насилно и трајно протерување на муслиманското население од осум општини во Босна и Херцеговина.
Целта на создавање на тој ентитет - Хрватска Република Херцег-Босна (ХРХБ) - бил „повторно обединување на хрватскиот народ“, се вели во пресудата и се додава дека било предвидено „или обединување со Хрватска во случај на распад на БиХ“ или „останување во БиХ со тесни врски со Хрватска“. Тоа обвинителите со нарекоа воспоставување „Голема Хрватска“.
Судот во Хаг пресуди дека во осмислување на тој злосторнички потфат учествувал тогашниот претседател на Хрватска Фрањо Туѓман, а во БиХ, покрај Хрватскиот совет за одбрана (ХВО), го остварувале формациите на босанските Хрвати и војската на Република Хрватска. Властите на Хрватска, според пресудата, „имале општа контрола над властите на ХРХБ“. Прлиќ во време на злосторствата бил премиер на самопрогласената ХРХБ.
Министерот за одбрана на ХРХБ Бруно Стојиќ и началникот на Главниот штаб на ХВО Слободан Праљак, како и заменикот командант на ХВО Миливој Петковиќ се осудени на по 20 години затвор, додека Валентин Чориќ, командант на воената полиција на ХВО доби 16 години затвор. Десет години затвор добија претседателот на Комисијата за размена на заробеници на ХРХБ Берислав Пушиќ.
Сите се прогласени за виновни за кампањата на прогон на муслиманите од осум општини во западна Херцеговина и источна Босна од пролетта 1993 до пролетта 1994 година, која вклучувала убиства, силувања, депоратции, нечовечно постапување, противправно затворање, нехумани дела, уништување и одземање имот, безобѕирно уништување населби и културни и верски објекти, принудна работа и противправно тероризирање цивили. Овие злодела, оквалификувани како злосторства против човештвото, кршење на законите и обичаите на војување и тешки повреди на Женевската конвенција, биле сторени на територија на општините Мостар, Чапљина, Љубушки, Прозор, Столац, Вареш, Горњи Вакуф и Јабланица.