Честитки и опомени од Европа за Ердоган
11 август 2014Европската унија му честиташе на актуелниот турски премиер Реџеп Таип Ердоган за неговата победа на претседателските избори. „Турција е клучен партнер за Европската унија: земја кандидат, која преговара за пристап во ЕУ, сосед, важен трговски партнер и сојузник во надворешната политика“, напишаа претседателот на Комисијата на ЕУ Жозе Мануел Барозо и претседателот на Советот на ЕУ Херман ван Ромпој во заедничкото соопштение. Двајцата политичари истовремено испратија и опоменувачки зборови до Ердоган.
„Се надеваме дека ќе ја играте улогата на помирувач, која ја носи самата функција“, апелираа двајцата челници на Европската унија во писмото до Ердоган и побараа тој да вложи напори „да се почитуваат сите групи, религии, расположенија, мислења и животни стилови во турското општество“. Барозо и Ван Ромпој исто така изразија надеж дека ќе се пружат натамошни напори за помирување со курдското население и надминување на спорот околу средоземноморскиот остров Кипар.
Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) исто така се огласи со опоменувачки зборови. Нивните набљудувачи забележуваат дека долгогодишниот премиер во изброната кампања ја користел својата официјална позиција и профитирал од еднстраното известување на медиумите, што нему му донело „јасна предност пред другите кандидати“. „Желбите на народот за демократија“ не биле целосно исполнети.
Ердоган победи на првите директни избори за претседател на Турција во првиот круг. За него гласаа речиси 52 проценти од населението, додека неговиот најсилен противник Екмеледин Ихсаноглу освои 38 проценти. Историчарот номиниран од најголемите опозициони партии се жалеше на „нефер изборна кампања“, бидејќи Ердоган можел да инвестира многу милиони евра во неговата кампања.
Германската канцеларка Ангела Меркел испрати честитки, но не се произнесе за обвинувањата против турскиот премиер. Германија и Турција ги поврзува „тесно и доверливо партнерство“, појасни Меркел. Во моментов во регионот имало „да се решат тешки предизвици“.