1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

301010 CSU Parteitag Abschluss

31 октомври 2010

Конгресот на Христијанско-социјалната унија, помалиот коалициски партнер во владата во Берлин, заврши со отфрлање на идејата за олеснето доселување во Германија.

https://p.dw.com/p/Puwl
Фотографија: dapd

Со децении ЦСУ беше навикната на изборен резултат од речиси 50% гласови на свое конто во покраината Баварија. За да си ја врати старата сила, партијата мора да работи на две страни на избирачкиот спектар. На првиот ден од конгресот во Минхен, во петокот (29.10.) се дебатираше за модернизација на партијата, пред се` за тоа како жените во покраината Баварија да се натераат да гласаат повеќе за ЦСУ, со оглед на тоа што анкетите покажуваат дека тие се се` помалку расположени да и` го дадат својот глас на партијата. Вчера (30.10.), пак, во фокусот беше конзервативниот избирачки потенцијал.

Да нема олеснувања за доселување

Партијата изгласа програмски документ на тема „Доселување и интеграција“ со јасна порака: на Германија не и` е потребно олабавување на постојната регулатива за доселување, како што се` погласно бараат претставниците на стопанството. Баварскиот министер за внатрешни работи Јоахим Херман тоа го образложи со бројот од три милиони невработени во земјата, но пред се` со претстојната слобода на движење во рамки на целата ЕУ:

CSU Parteitag München 2010
Една од најважните теми на конгресот на ЦСУ беше доселувањето и интеграцијатаФотографија: dapd

„Во ЕУ има 23 милиони невработени. Секоја баварска фирма, секоја германска фирма, може да го вработи секој граѓанин на ЕУ, без притоа да бидат потребни какви било дозволи.“

Документот, што на конгресот беше усвоен едногласно, ја нагласува германската водечка култура, која се потпира врз Уставот, како урнек за интеграцијата на доселениците. Дел од основните вредности е и слободата на религиозно изразување, нагласи Херман:

„Во земјата важи слободата на религиозно изразување, но оној што таа слобода ја злоупотребува, на пример во џамија, и кој повикува на омраза кон нашето општество, тој нема што да бара во нашата земја и ќе го исфрлиме затоа што тоа не мора да го трпиме.“

Автор: Петер Штицле / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Трајче Тосев